ДЕН ПО ПОГРЕБОТ НА ЖРТВИТЕ ОД „ПУЛС“ СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВО МЕДИУМИТЕ ДОБИЛ 140 ПОПЛАКИ Голем дел биле испратени од лажни мејлови
Лани биле разгледани 96 жалби од добиени 244 поплаки за известувањето на медиумите.
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) лани разгледал 96 од добиени 244 жалби и поплаки за известувањето на медиумите. По погребот на жртвите од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ Советот примил 140 жалби за начинот на кој известувале медиумите, информираше извршната директорка Билјана Георгиевска денеска на прес конференција.
– Ако во 2024 година тренд беше поднесувањето лажни жалби во името на големи институции, лани имавме друга појава, поврзана со трагедијата во Кочани. Во еден ден по трагедијата, непосредно по погребот на жртвите, добивме преку 140 жалби. Тоа беше еден вид оркестриран напад не само врз СЕММ, туку и врз медиумите. Огромен дел се однесуваше на медиуми кои не се од Македонија, туку од регионот, но и телевизии од Индија кои го покриваа погребот. Голем дел од овие жалби беа испратени или од е-пошта за една употреба или од непостоечки телефонски броеви, на кои никој не одговараше на нашиот повик – рече Георгиевска.
Најчесто бил прекршен првиот член од Кодексот, односно имало недостиг на извори и „втора страна“. Следувале прекршувања на третиот член од Кодексот, кога медиумите не ги корегирале грешките и прекршувања на десеттиот член кој се однесува на дискриминација по разни основи.
Од овие жалби, 78 биле за интернет сајтови, 11 за печатени медиуми, шест за веб-страници на телевизии и една за телевизија, а најчести подносители биле политичари и јавни функционери. За 58 жалби биле донесени одлуки дека постои прекршување на Кодексот, а за 32 дека не постои. Шест жалби биле решени со медијација.