ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО РАДОВИШ Ќе се прави обдукција на загинатите алпинисти
Едно лице е тешко повредено, а двајца загинаа вчера при чистење на високите силоси во рудникот Бучим кај Радовиш.
Советот на Општина Радовиш на вчерашната вонредна седница донесе одлука денешниот ден да се прогласи за ден на жалост поради трагично загинатите двајца алпинисти, Зоран Мајсторски (45) и Драган Станишков (20), членови на Алпинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш.
Тие ги загубија животите вчера напладне при чистење на високо недостапни силоси во рудникот „Бучим“ кај Радовиш.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш заедно со увидна екипа, кримтехничар од Министерството за внатрешни работи и инспектори за труд и безбедност при работа извршија увид во рудникот Бучим, работна единица Флотација, каде вчера околу 11.50 часот две лица го загубија животот, а едно се здобило со телесни повреди.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при чистење на два силоса, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Загинатите биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.
Истражителите го фотографирале местото на настанот, ги обезбедиле затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издало наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација, како и наредба за обдукција на телата на загинатите.
Обвинителството ја забрани работата во тој дел од рудникот и тој ќе биде обезбедуван од полициски службеници, за да се продолжи со увидот со техничка инспекција со рударски инженери. Основното јавно обвинителство Радовиш презема и други дејствија за откривање на причините за несреќата.
Погребот на посмртните останки на двајцата алпинисти треба да се изврши денеска на гробиштата во Радовиш.