ДЕН НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА Ја предизвикавме природата на двобој, не мислејќи на последиците

131

Климатските промени повеќе не се некоја мисловна именка, туку се наша сурова реалност. Екстремно топли лета, поларни зими, невремиња од разурнувачки размери, поплави, суши, па дури и пандемиите, како таа со ковид-19, се само дел од пораките кои природата ни ги испраќа дека нешто не е во ред, односно дека е уништена хармонијата со која природата и човештвото живееле со години. Климатските промени не се ништо друго, освен одговор од природата за уништувачките дејствувања на човекот.

Претседателот на локалната канцеларија на „Часот на планетата Земја“ во Македонија, Ѓорги Селков за МИА истакна дека со оглед на тоа што планетата Земја, како наш заеднички дом, се соочува со двоен предизвик – климатски промени и опаѓање и уништување на биодиверзитетот, треба да дејствуваме во насоки на мобилизирање на поединците, бизнисите и владите да бидат дел од разговорот и решенијата потребни за да се изгради здрава и одржлива иднина за сите.






– Ја предизвикавме природата на двобој, без да размислуваме за последиците, а пред нејзината моќ и боговите молчат – нагласува Селков.

За жал, како што додава тој, експертите и бројките велат дека враќање назад нема, но доколку дејствуваме сега, можеме да го зачуваме тоа што е останато и да се фокусираме како да го поправиме она што е веќе уништено.

 

Како и климатските промени во минатото и намалувањето на биодиверзитетот се чини како апстрактна именка, но ова, според Селков, треба да се промени. Тој смета дека заштитата на биодиверзитетот на планетата е клучна за постигнување на нашата цел за здрава, одржлива и климатски отпорна иднина за сите. Биолошката разновидност, посочува, е од суштинско значење за храната што ја јадеме, водата што ја пиеме и воздухот што го дишеме.

Оваа 2022 е важна година, затоа што светските лидери повторно ќе се соберат на заедничка маса, на Конференцијата на Обединетите нации за биолошка разновидност (CBD COP15) која претставува децениска можност да се состанат и да се договорат за силна рамка за биолошка разновидност која ќе го запре и ќе го промени губењето на природата до 2030 година.

Темата на овогодишното одбележување на Светскиот ден на планетата Земја е „Инвестирај во нашата планета“ и се фокусира на забрзување на решенијата за борба против најголемите светски закани како што се климатските промени.

Повеќе од милијарда луѓе и над 150.000 партнерски организации учествуваат во активности во 192 земји на 22 април секоја година, со што Денот на планетата е најголемиот граѓански настан во светот, соопшти организацијата.

Мрежата  Earth Day (Ден на планетата Земја) има намера да вклучи влади, институции, организации, поединци и компании во единствена глобална кампања чија цел е да се надминат ограничувањата наметнати од индустријата и економијата засновани на фосилните горива и да се префрли фокусот на создавање економија на 21 век што ќе ја врати грижата за планетата и живиот свет и ќе отворат нови можности за сите, изјави претседателката на оваа организација Кетлин Роџерс.

Доколку економијата не реагира веднаш, климатските промени дополнително ќе ја оштетат економијата, ќе ја зголемат сиромаштијата, ќе го одземат профитот и изгледите за работа и ќе влијаат на сите нас, се вели во платформата за Денот на планетата Земја.

 

Парите зборуваат и кога се во прашање климатските промени. Владите треба да ги охрабрат своите граѓани, бизниси и институции да изградат отпорна иднина и силни зелени деловни практики, не само како етичка, туку и како профитабилна опција.

 

Откако Денот на планетата Земја првпат беше прославен во 1970 година, населението се удвои од 3,7 на 7,9 милијарди. Глобалните емисии на јаглерод диоксид се зголемија од 13,7 на 36,3 милијарди тони годишно.

Просечната температура на површината на планетата се зголеми за 0,94 степени Целзиусови. Површината на глечерите се намали од 6,9 на 4,7 милиони квадратни километри, а нивото на морето се зголеми за 12 сантиметри.

Уништена е една петтина од тропските шуми во Амазон, односно околу 743 илјади квадратни километри. Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), над 40.000 видови се загрозени и им се заканува исчезнување. Од нив, 14 отсто се видови птици, 26 проценти се цицачи, а 40 отсто се водоземци, додека во поновата историја 897 животински видови се целосно изумрени и исчезнати.

Поврзани содржини