Ден Дончев е во Австралија, до каде е истрагата што ја потврди Русковска?

Дека против Дончев се води истрага лани во мај потврди шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска која до денес не откри повеќе детали. 

1,684

Ден Дончев, поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување е во Австралија. Тој ја напуштил земјава кон средината на јануари наводно поради семејни причини.

– Дончев не побегна, замина за Австралија и наскоро ќе се врати и ќе одговори на сите обвинувања. Неговото потесно семејство е во Македонија, нема причина да бега од земјава и тоа наскоро ќе ѝ го докаже на јавноста – велат извори блиски до поранешниот функционер.






Дека против Дончев се води истрага лани на 20 мај потврди шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска која до денес не откри повеќе детали.

– Да, се води истрага, а дали е во Македонија, стварно не знам – изјави тогаш Русковска.

Како што пишуваа лани медиумите, по барање на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати, од компанијата со основна дејност за интернет-портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.

Дончев тогаш изјави дека парите што ги добил од компанијата „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската „Мегантик“ се најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив е платен соодветниот данок, како и дека воопшто нема страв од истрага бидејќи не е првпат во последните 20 години да се води истрага против него во кои секогаш било констатирано оти работел според законот.

Антикорупциската комисија го разгледа предметот по допрен глас и утврди дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи. Претседателката Билјана Ивановска информираше дека работат на случајот и ако утврдат неправилности ќе покренат прекршочна постапка за непријавување дополнителни приходи. Дончев ќе одговара прекршочно по член 85 од Законот за спречување на корупцијата затоа што не пријавил промена на имотната состојба.

Дончев на 5 мај лани соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата директор на ФЗОМ, поради здравствени и семејни причини.

Поврзани содржини