ДЕМОНСТРИРАA „БЕЗ КОЧНИЦИ“, ЌЕ ОДГОВАРААТ ЗА ШИРЕЊЕ РАСНА ОМРАЗА Кривични пријави за четворица битолчани
Пријавените се товарат за сторени кривични дела „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна верска и друга дискриминаторска основа" и „поттикнување".
СВР Битола поднесе кривична пријава против четири лица од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост“, откако на 3 февруари годинава организирале ненајавен собир што прераснал во сообраќајна блокада и директни закани кон припадници на Министерството за внатрешни работи.
Пријавите се поднесени против М.Ф.(59), М.Р.(48), Д.Ф.(45) и Ј.Ф.(41), сите од Битола. Тие се товарат за сторени кривични дела „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна верска и друга дискриминаторска основа” и „поттикнување”.
Како што се наведува во пријавата, групата со голем број граѓани го блокирала сообраќајот на патот во близина на Битола и во самиот град, предизвикувајќи нарушување на јавниот ред и мир. Во текот на собирот, дел од учесниците упатувале закани кон полицајците кои пристигнале да го регулираат сообраќајот и да ги растераат протестантите.
Исто така, во домот на еден од пријавените, друг учесник упатувал навреди кон министерот за внатрешни работи, при што се снимал со мобилен телефон, што е доставено како доказ во постапката. На истите лица им се става на товар дека со своите постапки поттикнувале омраза и нетрпеливост, што е казниво според македонското законодавство.
Полицијата и обвинителството ќе треба да утврдат дали протестот прераснал во кривично дело со оглед на тоа што собирот не бил пријавен, учесниците ја нарушиле јавната безбедност и упатиле закани кон службени лица.
Протестот на 3 февруари во Битола беше дел од пошироки немири поради одземање на возила што ги управувале лица без возачка дозвола. Група граѓани од ромската заедница најпрво го блокираа сообраќајот на обиколницата Ресен – Битола, запалија гуми и предизвикаа густ чад на коловозот. Потоа протестот продолжи пред Основниот суд и Општина Битола, каде учесниците изразија револт против контролите и мерките на полицијата.
Дел од учесниците, како што објавија медиумите, упатуваа жестоки и експлицитни закани кон полицајците дека ќе ги нападнат доколку тие се обидат да ги спроведат законот, да им ги одземат возилата или да ги растераат од блокадата. Некои од протестантите користеле вулгарни изрази и најавиле „тепачки и напади“ доколку полицијата се обиде да интервенира. Дел од демонстрантите потоа јавно се извинуваа и ги „повлекоа“ своите закани со видео-објави на социјалните мрежи.