Демонизација на индустријата
Ние, тука во Македонија — земја со минерален потенцијал проценет на над 20 милијарди евра — седиме со скрстени раце. Наместо да градиме стратегии и инвестиции, се водиме по мислењата на луѓе без образование, искуство и разбирање за индустрија, енергетика и рударство.
Во контекст на локалните избори, одлуките што ги донесоа градоначалниците на Град Скопје и на Општина Центар треба да бидат пример за целата држава. Таквите одлуки, иако на почеток создаваат непријатности кај граѓаните, во блиска иднина ќе донесат благосостојба која сите ја посакуваме, но ретко ја признаваме. Ним им се поклонувам за храброста.
За жал, паралелно со овие позитивни примери, во општеството расте бројот на оние кои сакаат да ја демонизираат индустријата во Македонија — од сопствени, најчесто лукративни побуди. Таквите постапки ја оддалечуваат земјата од економските принципи на глобализацијата и нејзиниот природен пат кон НАТО и кон Европската Унија.
Пред да објаснам како изгледаат „демоните на индустријализацијата“, ќе се обратам до политичарите со едноставно барање: Ве молам, во јавниот говор користете ги вистинските термини. Во законите не постои „невладина организација“. Постои здружение на граѓани, фондација, стопанска комора или стопанска интересна заедница. Со почитување на правната терминологија се покажува и познавање, и одговорност.
Ако зборувате за индустријализација, прочитајте го писмото од јануари 2023 година на Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора, до тогашниот министер за животна средина, Насер Нуредини. Пешев укажува дека Г1-индустријата не значи само рударство, туку и сектори како прехрана, фармација, хемија. Ако законот за забрана на Г1-индустрија во радиус од пет километри од населено место се применеше без исклучок, над 200.000 луѓе би останале без работа. Тоа би било економска и демографска катастрофа. Демоните на индустријализацијата би победиле.
Демоните сакаат да нѐ убедат дека може да се живее само од угостителство или од текстилна индустрија — која најчесто не произведува, туку доработува за странски брендови. Нашите текстилни работници заработуваат едвај 1,7 евра по сошиено парче, кое потоа во Германија или во Италија се продава по 90 евра. И тој сектор умира: работниците стареат, а Северна Африка нуди пониски цени.
Во меѓувреме, вистинските стратешки гранки — енергетиката, рударството и металургијата — се под постојан напад. Тие се срцето на економската стабилност и државната независност. Ништо не е случајно: целта е да се ослаби домашното производство и да се создаде зависност.
Во најголем дел, тие се самопрогласени „екологисти“. Но, што значи тој термин? Никој точно не знае. Со иронија ќе објаснам: ако живеете во зграда со балерина, тоа не ве прави балетски критичар. Така и кај нас — секој без соодветно образование и искуство зборува за екологија.
Еден ваков пример видовме неодамна во утринска телевизиска дебата посветена на индустријализацијата, каде што повторно слушнавме исти лаги и стравови за рудниците. Се поставува прашањето: зошто Македонија не смее да го отвори најголемиот рудник за бакар и злато, кој би донел неколку милијарди евра профит и стабилност на буџетот?
Одговорот на „екологистите“ е апсурден: „Имаме доволно бакар, не ни треба нов рудник.“ Тоа не е аргумент, туку саботажа. Светската економија денес има поголема потреба од бакар отколку кога било досега. Американскиот претседател Доналд Трамп веќе склучува договори со држави богати со бакар и други минерали од списокот на критични суровини, осигурувајќи долгорочна индустриска стабилност и независност.
А ние, тука во Македонија — земја со минерален потенцијал проценет на над 20 милијарди евра — седиме со скрстени раце. Наместо да градиме стратегии и инвестиции, се водиме по мислењата на луѓе без образование, искуство и разбирање за индустрија, енергетика и рударство.
Прашањето што сè погласно се поставува е: до кога ќе си дозволуваме да го блокираме сопствениот развој?
Токму затоа, ако некој тврди дека е експерт, нека покаже знаење. Нека објасни како функционира современата металуршка печка и кои се нејзините влијанија врз околината. Нека покаже Fe₃C дијаграм со молив и пенкало, без литература.
Тогаш ќе зборуваме за стручност.
Сè додека државата дозволува таквите лица да диктираат политики, нема да има напредок. Време е местото на „екологистите“ да го заземат ВИП — Високо Интелектуални Професионалци: научници, инженери, луѓе со знаење и визија.