Демократски сојуз: Судот потврди дека масовното прислушување е правено преку системите на МВР
ДС не ги коментира судските одлуки за предметот „Таргет-Тврдина“, но додава дека тие ќе имаат силна генерална превенција, во иднина никој да не се осмели да ги крши правата на граѓаните преку нивно неовластено прислушувајте, следење и сл.
Демократскиот сојуз смета дека од исклучителна важност е тоа што после шест години, Судот потврдил дека масовното прислушување е вршено преку системите на Министерството за внатрешни работи.
„Злоупотребена е власта за незаконито и неовластено прислушување на обични граѓани, новинари, бизнисмени, носители на политички и државни функции и многу други, со што директно се загрозени приватноста и основните права и слободи. Прислушувањето е вршено од политички и бизнис интереси, желбата да се владее и да се има неограничена моќ“, се наведува во реакцијата на ДС.
Оттаму велат дека нема да ги коментираат судските одлуки за предметот „Таргет-Тврдина“, но додаваат дека тие ќе имаат силна генерална превенција, во иднина никој да не се осмели да ги крши правата на граѓаните преку нивно неовластено прислушувајте, следење и сл.
„Овој и другите процеси беа проследени со бројни недоследности, непринципиелности, политички притисоци и договарања. Многу институции потфрлија, многумина непрофесионално се однесуваа, се кршеа и закони, затоа мора да се истражат докрај и системските грешки, но и кривичната одговорност на сите кои овие шест години ја опструираа правдата“, се додава во реакцијата на Демократскиот сојуз.