Последниот случај со спасувањето на премрзнато лице благодарение на индивидуалната пожртвуваност на еден лекар, во прв план повторно ја исфрли на површина нефункционалноста на нашиот систем за кризен менаџмент и заштита и спасување, соопшти Демократски сојуз.
– По кој знае кој пат се покажа дека постоењето две паралелни институции – Центарот за управување со кризи, од една и Дирекцијата за заштита и спасување, од друга страна, претставуваат пречка во извршувањето на заштитните и спасувачките активности во итни случаи. Меѓу надлежностите на овие две институции постои законско поклопување, што во пракса создава дуализам, ривалите и нефункционалност. Демократскиот сојуз инсистира на итно реформирање на системот за кризи и создавање единствена институција која ќе го менаџира намалувањето ризици од катастрофи – велат од ДС.
Од таму додаваат дека сегашната меѓувладина комисија за реформирање на овој сегмент (трета во последниве 10-тина години) мора да донесе предлог за формирање единствен државен орган кој ќе биде надлежен за реагирање во итни ситуации кога се загрозени човечки животи.