Контрастот не може да биде посилен: Закони наспроти анархија, цивилизација наспроти фундаменталистичко насилство. Ова е само дел од реакциите кои ги преплавија шведските медиуми по убиството на Салван Момика во близина на Стокхолм, ирачки бегалец кој неколку пати го палеше Куранот.
Веста за убиството на Момика молскавично се прошири низ светот, со јасна назнака дека и овој морбиден чин, кој на социјалните мрежи со бројни коментари беше поздравен и со изразување на радост и задоволство, јасно сведочи дека поларизирањето на духовите не стивнува. И тоа посебно во контекстот на живата дебата која се води во низа земји, каков што е случајот во Франција, во врска со границите на слободата на изразување и местото на исламот во секуларното општество.
Шведската вицепремиерка Еба Буш ја спореди смртта на Момика со убиството на учителот Самуел Пати и на католичкиот свештеник Жак Хамел, кои беа убуени од исламски екстремисти во Франција. „Тоа е закана против нашата слободна демократија, на која мора да се одговори со целата сила на општеството“, напиша Буш на мрежата Х.
Ваквите настани, кои предизвикуваат силни осуди на најширок план во општеството, но и одобрувања и изрази на воодушевување, неминовно во преден план ја исфрлаат дебатата за слободата на изразување како една од клучните демократски вредности, која тежи многу повеќе отколку волјата и подготвеноста свесно да се премолчуваат нештата, за да не се вознемири некој поединец или група. „Токму тоа, како што се констатира во редакцискиот коментар на шведскиот весник Дагенс нихетер, заедно со цела низа други човечки слободи, е предизвик за луѓе од целиот свет да бараат прибежиште во Шведска и во други демократии“.
Се разбира, и слободниот збор може да се злоупотреби. Како што и често се прави, може да се користи за поттикнување на насилство и деструктивност, за ширење лаги, клевети и навреди, против кои тешко може да се примени ефикасна заштита и кои лесно го наоѓаат патот до пошироката јавност низ интензивните канали на дигитална медиумска комуникација.
Но, не се ретки и предупредувањата поради таквите злоупотреби. Портпаролот на ЕУ за надворешна политика лани го критикуваше палењето на Куранот, замотан со свинска сланина, пред џамија во Стокхолм. „Палењето на Куранот или која било друга света книга е навредливо, како израз на непочитување и јасна провокација. Изразувањата на расизам, ксенофобија, и нетолеранцијата поврзана со таквото однесување, немаат место во Европа“. Уште пожалосно е што таков чин беше извршен за време на важната муслиманска прослава на Курбан Бајрам, беше истакнато во соопштението на портпаролот на ЕУ.
Сепак, и за слободата на изразувањето во демократски систем се предвидени законски рамки, со кои се прават напори токму во насока на регулирање на границите на таквата слобода. Таквите граници подлежат на постојано преиспитување, и тоа во светлина на интересирањето на најшироката јавност. Во случајот на Момика, тој беше убиен само неколку часа пред Судот во Стокхолм да му изрече пресуда на него и на уште едно лице, како дел од судскиот процес поврзан со „прекршокот за агитација против етничка или национална група“.
Слично судење, во средината на 2000-тите години, беше одржано во Франција. Сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, заедно со други француски весници, ги објави данските т.н. карикатури на Мухамед. Другите отстапија и се извинија, но не и редакцијата на „Шарли Ебдо“. Весникот беше тужен од три големи муслимански организации ‒ и победи.
Од исходот беа задоволни и многумина француски муслимани. Адвокатот на исламските организации тогаш изјави: „Немаше фатва, немаше напади, немаше закани. Конфликтот го решивме на цивилизиран начин. Единствените на кои може да им наштети ваквата дебатата се екстремистите“.
Една деценија подоцна, во 2015 година, вработените во „Шарли Ебдо“ беа застрелани и убиени токму од такви екстремисти. Контрастот, потсетуваат медиумите, не можеше да биде поостар и поконкретен: Законите наспроти анархијата. Дијалог наспроти калашников. Но не би требало да има никакво сомневање дека борбата за неприкосновеноста на слободата на изразување ќе продолжи. „Шарли Ебдо“ е еден од најголемите симболи во тој контекст. Писателот Салман Ружди исто така, поради романот „Сатански стихови“, делумно инспириран од животот на пророкот Мухамед, беше осуден од мусламинскиот свет.
Или Ларс Викс, познат шведски карикатурист, кој често објавуваше слики и цртежи со свои видувања на пророкот Мухамед, прикажувајќи го во една од нив со тело на пес. Ларс Викс, која загина во сообраќајна несреќа во 2021 година, се бранеше со тоа што тврдеше дека станува збор за умтенички израз кој секогаш треба да биде опфатен со слободата на изразување. Но, не значи ли тоа, како што би рекле неговите критичари, дека тој, всушност, ја злоупотребил слободата на изразување, користејќи ја како алиби за да може да продолжи со своите провокации. Ова прашање, се разбира, не може да помине без жестока дебата.
Салван Момика не беше некој кој би можел да се споредува со Ружди или Ларс Викс. Неговите манифестации со палење оган и свинска сланина не можат да се сметаат за некакво уметничко дело. Но тоа не значи дека неговото ‒ или на некој друг ‒ право на слобода на изразување беше помалку вредно од тоа кое се врзува за имињата на познатите уметници.
Одбраната на слободата на изразувањето ќе продолжи. Но останува да се види по која цена? Набрзо по убиството на Момика се огласи неговиот пријател Салван Најем, кој исто така беше обвинет во предметот околу палењата на Куранот. Како што пренесоа медиумите, Најем добил заканувачки пораки дека тој сега е на ред.