ДЕМИРИ ЌЕ ГО РАЗРЕШИ САМО МЕДИЦИНСКИОТ ДИРЕКТОР НА ТОКСИКОЛОГИЈА Според министерот, економскиот директор работел добро иако не знае македонски
За по изборите, министерот Демири обраќајќи се на сите оние што, како што рече не се дел од власта и не се чувствуваат така, а се на директорски функции, ги повика јавно да си дадат оставка.
Министерот за здравство Илир Демири денеска најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија Данил Петровски. За економската директорка Бесија Иљази, Демири вели дека нема констатирано ниту едно прекршување.
– Три недели ја испитував ситуацијата и на жалост констатацијата е вистина. Јас сум длабоко уверен дека луѓето што користат вакви испади и навреди на национална основа не го мислат тоа. Медицинскиот директор и одредени лекари денеска и на Фејсбук имаат објавено навреди, не сакам да бидам нивни портпарол. Тврдам дека не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Јас ќе преземам сериозни мерки. Медицинскиот директор денеска ќе го разрешам иако сме влезени во изборите – рече Демири одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Во однос на вчерашното писмо кое беше испратено до медиумите од страна на вработените во Токсикологија, а во кое велат дека со назначување на в.д. организациската директорка Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија, на само еден ден пред формирањето на техничката влада се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа, Демири рече дека лекарите се служат со навреди.
– Стручниот колегиум комуницира со медиумите, лекарите што се служат со навреди комуницираат со навреди и денеска повикале на прес-конференција. Јас сум министер за здравство, сите неусогласувања треба да дојдат тука, а не да се искористат за дневни политички цели – рече тој.
Вработените на Токсикологија реагираат: В.д. директорката на работа останува по 4 часа, го зголеми долгот на клиниката и не ја осигура.
Демири рече и дека денеска потпишал решение за да се спроведе длабоко истражување од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од трудовиот инспекторат.
Според Демири, директорката Иљази е легално назначена и ги исполнувала критериумите за да биде на чело на таа Клиника, но не знаеше да каже точно какво високо образование поседува таа.
На прашањето зошто директорката Иљази денеска на прес-конференција давала изјави само на албански јазик, Демири рече дека ако има потреба со преведувач ќе даде и друга изјава.
Во однос на информациите дека организациската директорка доаѓала на работното место само по четири часа, Демири најави дека инспекциските служби ќе треба да го утврдат тоа и рече дека доколку е вистина ќе ја разреши Иљази.
– Секој еден вработен во државна институција, независно од позицијата, има обврска да го исполнува своето работно време и да се евидентира. Со тоа треба да се занимаваат инспекциските служби – рече Демири.
За по изборите, Демири обраќајќи се на сите оние што, како што рече не се дел од власта и не се чувствуваат така, а се на директорски функции, ги повика јавно да си дадат оставка.
Директорот на Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски на денешната прес-конференција, којашто ја држеше заедно со останатите лекари на Клиниката, рече дека главен проблем со којшто во моментив се соочува клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.
– Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема – појасни тој.
Истакна дека Клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациона директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.
Во неколку наврати, додаде, било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира.
– Од директорката се инсистира да бидат примени сите 18, кои претходно беа примени со договор на дело, а на кои им истече договорот. Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања – рече тој.
Дополнително, медицинскиот директор Данил Петровски одбива да ги потпише вработувањата бидејќи е предизборен период.
На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18-те лица за кои директорката Бесија Иљази бара да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборантот да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.
Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик. Тој рече дека имал обиди со неа да разговара на англиски. Комуникацијата, додаде Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 лица, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.
Беќаровски се осврна и на резултатите од работењето во изминатиот период, рече дека државата нема акредитирана токсиколошка лабораторија, иако на сите министри им се укажувало тоа.
Нагласи дека ниту едно од присутните медицински лица на пресот, истакнати во својата професија, не е активен член на политичка партија, а сите се со долги години стаж.
По прес-конференцијата, надвор од клиниката, новинарите имаа можност да поразговараат и со дел од тие кои останале без работа по истекот на договорот на дело, меѓу кои и бочничарот за кој претходно беше кажано дека правел притисок за замена на урина. Тој ги негираше обвинувањата, нагласувајќи дека само бил прашан, дали може да помогне и одговорил дека не може и не смее, бидејќи е тоа кривично дело.