Демири: 14.819 лица се отпуштени од работа за време на коронакризата
Директор на Агенцијата за вработување тврди и дека затекнал застој на употребата на албанскиот јазик во Агенцијата.
Од почетокот на пандемијата на корона вирусот до крајот на септември, над 14.800 граѓани останале без работа. Вкупно над 151.000 луѓе моментално се невработени, изјави новиот директор на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири, во емисијата „10 минути“.
– До 30 септември во Агенцијата за вработување се евидентирани 151.359 невработени лица, меѓутоа важно е да спомене како факт, од почетокот на кризата со пандемијата, врз основа на работните односи, за прекинат работен однос, односно одјавување од социјално осигурување, регистриран по 11 март 2020, односно во периодот на кризата со пандемијата, до 30 септември евидентирани се вкупно 14.819 невработени лица – рече Демири.
Тој додаде и дека во Агенцијата затекнал застој на употребата на албанскиот јазик, а вети дека ова прашање ќе биде еден од неговите приоритети.