Демагогијата како стратегија
И нема, се разбира, подобар „мерач“ на македонската современа стратегија на демагогијата од онаа излеана на државните празници. Тогаш се истура „шаком и капом“ целата локална глупост и незнаење, сиот немерлив арсенал на лажни дилеми и приѕирни споредби со Европа и светот, своите глупости се подметнуваат како туѓи а ѓаволот секогаш клечи на рамото на политичкиот противник викан опозиција.
Кога на една државна прослава на еден од најсветлите датуми во македонската понова историја ќе слушнете толкаво количество демагогија, не можете да не заклучите дека ние (и) демагогијата сме ја издигнале на степен на неприкосновена државна стратегија. Зашто, цели петнаесет години, на македонската политичка сцена како да се одвива натпревар во лаги и полувистини, во голи ветувања и ѕидање замоци ни на небо ни на земја, во демонизирање на политичкиот противник и наметнување на лажни авторитети, на механичко полуписмено прејудицирање на неповрзани настани…, итн.
Пред очи ни протатнеа локални минорни Клеони и Алкибијади, Хитлери и Сталини, Живковисти и Чаушесковисти како бледи сенки на актуелните европски демагози од форматот на Ле Пен или Малони, Макрон или Џонсон, Путин или Трамп, но и подалечните примери од типот на еден Дутерте или Болсонаро. Иако, некој ќе рече, претходнине барем глобално демагогизирале, нашиве пижиња се прпелкаат во сопствените селски мрежички на популизмот и партократијата, заштитени од цела сурија кербери, фактчекери и вистиномери кои ги „мерат“ само лагите на другите!
И нема, се разбира, подобар „мерач“ на македонската современа стратегија на демагогијата од онаа излеана на државните празници. Тогаш се истура „шаком и капом“ целата локална глупост и незнаење, сиот немерлив арсенал на лажни дилеми и приѕирни споредби со Европа и светот, своите глупости се подметнуваат како туѓи а ѓаволот секогаш клечи на рамото на политичкиот противник викан опозиција.
И бидејќи и оваа власт го гледа граѓанинот како манипулативна потрошна стока, му поттура зашеќерени лижавчиња со лични локал-патриотски идентификации („Јас сум од Куманово“!), го замајува со некаква историја која што, исто така, ја претворија во демагогија, повторно му ветува розови иднини но не и стабилна сегашност.
Како тоа сме биле на „вистинската страна на историјата“ кога среде Битола и Охрид ни се шепурат клубови викани „Иван Михајлов – Ванчо“ и „Цар Борис III“? Или не знаеме која била, и каква, таа историја, или не знаеме кои се двајцава фашизоидни македономразачи! И ќе се удираат во гради за некаква „голема маса“ (впрочем, малите луѓе секогаш сонуваат за нешто големо!), но не смеат да писнат кога од Софија им доаѓаат пораки дека го продолжуваме „наследството на Тито во Северна Македонија“. Не смеат дури ни да прашаат: а чие тоа наследство треба да продолжуваме? На Борис fucking Трети?
Чиста демагогија е да говорите за „чист македонски јазик, со заштитен идентитет“, а од другата страна постојано да добивате шамари дека „Нашите предци не се разделувале, немало бугарско и македонско маало, тие биле едно исто. Зборуваме за едни и исти семејства.“
Да, секако, демагогот ќе рече дека тоа е само еден глупак – случајно член на Европскиот парламент од партијата на „братот“ Борисов! – кој говори во свое име. Дали е баш така или така на нашиве им сугерираат нивните ПР уличари од Дебар Маало или пошироко?
И дали е тоа оној ист „европски пристап“ за којшто говори глупаков, но говореше и еден наш (за среќа) екс-премиер дека е европски манир и европска перспектива да се бришат/ревидираат текстовите на спомениците од НОБ? Нели е и тоа чиста демагогија која што треба(ше) да му помогне на граѓанинот полесно да ја голтне лагата? Или евро-блгарската јадица?
И кога се повикуваат на „борците од Народноослободителната борба во 1941-та година“ кои „се избориле и ни го покажале патот, кога во Втората светска војна го отфрлиле окупаторот и се избориле за слободата и државотворноста“, мислат ли и на „патот“ на претстојната ревизија/бришење на текстовите на спомениците и спомен обележјата токму од таа НОБ?
Уште поголема демагогија е, или лага, како сакате, кога говориме за некаква „обнова на демократијата во 2017-та година“, односно „кога одлучивме да градиме Едно општество за сите“. Ниту сме обновиле демократија – напротив, уште помалку сме изградиле „општество за сите“. Демократијата и таквото општество не изгледаат вака. Или изгледаат вака само во главите на демагозите!
И длабока, суштинска демагогија е кога она смешно човече кое глуми претседател на државата, а кој само пред кратко време нѐ нарекуваше со најпогрдни имиња, сега безобразно да бара „надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит!“ Како ли замислува ние понатаму да имаме почит за него?
Тоа се нешта коишто сериозни политичари, во кризни времиња, не го прават. Тоа се луѓе/нешта коишто граѓанинот одамна ги препознава како демагошки субјекти и како демагошки дискурс. Тоа е таа демагогија која што науката (Patricia Roberts-Miller, 2017) ја гледа како демагошки „дискурс што ветува стабилност, сигурност и бегство од реторичките одговорности“, каде што граѓаните како мнозинство треба да бидат жртвени јагниња заради тековните проблеми на малцинството политиканти. Зашто, впрочем, демагогијата – сакате наречете ја политичка пропаганда (во идеологијата на фашизмот) или агитација (во идеологијата на комунизмот) – е (и) тоа: да посочи на заменска жртва со која што Пилатовски ќе си ги измие рацете!
Впрочем, како што (повторно) сугерира спомнатата Roberts-Miller, кога демагогот гледа дека е „поефектен со аргументите за идентитетот отколку со внимателните аргументи за политиките, само е прашање на време кога ќе дојде на власт“.
И колку пати тоа сме го виделе во изминативе години? Колку пати во овие петнаесет години сме сведочеле на таквиот процес, на едни и други политиканти, безобразници, некадарници кои со помош на голата демогогија се искачуваат на скалилата на власта? Бидејќи денес ни опозицијата – до неодамна власт – никако не успева да излезе од прегратката на лажното, фабрикуваното, демагошкото проседе. Срамно е дури и да се слуша како таа се повикува на „антифашистичкото наследство“, како таа денес обвинува за криминали и корупција, после сѐ што му приредуваше на македонскиот граѓанин во времето на нејзината стравовлада.
За жал, Македонија остана без сериозни политичари и интелектуалци, без луѓе кои можат како Тукидид и Аристофан да му кажат на „прототипскиот“ Клеон в лице дека не е реторичар туку е бескрупулозен демагог кој ветува брда и долини што не може да ги исполни. Денес, впрочем, и оние малкумина кои јавно ќе проговорат за она кукавичко јајце со подметнувањето на некаква „друга верзија“ на зборови во „Ај бре Македонче“ – и тоа на централната прослава на 11 Октомври! – ќе бидат прогласени за непријатели, антиевропејци, фашисти и слично.
И токму тоа е ликот и делото на овие не-луѓе, на овие политиканти и демагози сокриени зад партиските и керберските ешалони кои веќе подготвено го чекаат утрешниот ден одново да нѐ убедуваат дека тоа што сме го виделе не сме го виделе и тоа што сме го слушнале не сме го слушнале.
И тоа, за жал, поминува – можеби еднаш, двапати, повеќе пати, но таа приказна не ќе може вечно да трае. Зашто, жална е онаа држава каде што демагогијата е неприкосновена стратегија а лагата основна политичка алатка.
Извор: Теодосиевски уметност