ДЕЛСИ РОДРИГЕЗ СИМНАТА ОД „ЦРНАТА ЛИСТА“ НА САД В.д. претседателката на Венецуела не е веќе под санкции
„Одлуката на претседателот Трамп е значаен чекор во вистинската насока за нормализирање и зајакнување на односите меѓу нашите земји“, рече Родригез во објава на платформата „X“.
Соединетите Американски Држави вчера ги укинаа санкциите врз венецуелската вршителка на должноста претседателка Делси Родригез, според објава на веб-страницата на Министерството за финансии на САД, додека Вашингтон продолжува постепено да ги ублажува мерките врз Каракас.
Првично не беше наведена причина за одлуката.
САД и привремената влада предводена од Родригез се согласија да ги обноват дипломатските односи откако САД го соборија авторитарниот лидер Николас Мадуро на почетокот на годината.
Родригез, која беше потпретседателка на Мадуро, беше меѓу голем број лица во таканаречениот „внатрешен круг“ на поранешниот лидер кои беа санкционирани од Министерството за финансии во 2018 година, за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Одлуката на претседателот Трамп е значаен чекор во вистинската насока за нормализирање и зајакнување на односите меѓу нашите земји“, рече Родригез во објава на платформата „X“.
„Веруваме дека овој напредок и решителност на крајот ќе доведат до укинување на дополнителните активни санкции врз нашата земја. Ова ќе овозможи брз економски развој, инвестиции и ефективна агенда за билатерална соработка во корист на нашите народи“, напиша таа.
Јужноамериканската земја е во фаза на политичка транзиција по соборувањето на Мадуро. Администрацијата на Трамп бара посилна соработка во проширувањето на производството на нафта и суровини.
Покрај златото, Венецуела поседува и најголеми докажани резерви на нафта во светот.