Делегитимирање на ѓаволот
Дали навистина нашите и проблемите на Србија се идентични и дали навистина баш „сервисериве“ се тие што умеат тоа да ни го објаснат? Како што ни објаснуваа(т) дека нашава паланка навистина е економска жртва на „Russia’s brutal war“, а не на сопствената алчност, криминал и корупција? Не сум сигурен.
Како на дежурниве им се погоди Србија, и Косово, како „баба рога“ или самиот ѓавол со којшто треба да ги плашат луѓето: ако не сте послушни, ќе ви се случи Србија! Божем ние овие пет/петнаесет години цвета(в)ме, како да ни се случува(ше) рајот на земјата – веднаш и тука! – та сега, ако влезе (и) ѓаволот во игра, многу ќе се потресеме. Не знам зошто овие сезнајковци, овие „интелектуални сервисери на партиско-комитетските налози и потреби со полно работно време“, ги мислат јавноста/граѓаните за малоумни, за политички неписмени, за демократски аналфабети на коишто можат да им ги сервираат сите нивни (веќе дебело наплатени од нарачателите) кафеански „анализи“ скицирани на мрсните од кебапи салфетки?
И од кога тоа, впрочем, во демократско општество сите, баш сите мораат да мислат не само исто туку баш онака како што тоа го сака власта? Па и да се крстат во ист Господ и да се плашат од ист ѓавол? И тоа ли треба овие вувузели да ни го кажат: кој е нашиот Господ а кој ѓаволот? Овие преоблечени едноумници беа никој и ништо и во едноумието без поткрепата од власта и тоа им прераснало во навика, им прираснало за срце, што ли? Зашто, „прекрасно“ е сите да мислиме исто, да се однесуваме исто, да гледаме низ исти розови очила…, ама сепак – тие да се вечни абоненти на буџетот, за нив да не важат законите, тие да се ослободени од одговорност за зборовите и делата… итн.?
И бидејќи и минатиот пат го спомнав Панчиќ, ќе го „злоупотребам“ повторно: толку ли овие човечиња се исплашени од деспотиве па нон-стоп дуваат во нивните зурли? Или знаат дека нив најмногу ги лути кога поданиците им ја ускратуваат саканата песна – во едно време тоа беше Преспа, сега е Софија – односно одбиваат да „пеат и свират по нивните ноти, ако така им го оспоруваат посебно важниот и кршлив легитимитет којшто посебно им значи (бидејќи секој самонаречен длабоко во себе е несигурен, без оглед колку дивизии има)“?
Затоа ли постојано, во катагодишен континуитет, настојчиво до здодевност, нѐ потсетуваат што може да ни се случи ако не сме умни? Ама ако сме, еве Европа пак ќе го одврзе ќесето со нови стотина милиони евра како поддршка на разграбената North Macedonia не од сопствената криминална власт туку е „affected by the economic shockwaves of Russia’s brutal war“. А небаре тие милиони ќе стасаат до нас, неумните, а не на сметките на деспотиве, како и сите претходни.
Дали навистина нашите и проблемите на Србија се идентични и дали навистина баш „сервисериве“ се тие што умеат тоа да ни го објаснат? Како што ни објаснуваа(т) дека нашава паланка навистина е економска жртва на „Russia’s brutal war“, а не на сопствената алчност, криминал и корупција? Не сум сигурен. Но сигурен сум дека ниту еден од овие до денес не праша каде отидоа оние 600 милиони долари од фамозниот CRIF фонд (попознат како „Countering Russian Influence Fund“)! Зошто? Знаат каде се?
И, се разбира, проблемите на Србија и проблемите на Македонија се далеку од идентични, уште помалку се втемелени во некакви апокалиптични „необјасниви стравови“ или, не дај боже, во некаква опсесивна вљубеност во Русија. Но, секогаш е полесно нештата така да се симплифицираат, да им се залепат очекуваните етикети на сите неистомисленици и со тоа, демек, да се делегитимира ѓаволот. Поедноставно е, нели, да кажете дека „(…) од целата галама конципирана во онаа декларација на бугарското собрание во кое се бараше сè и сешто за да се деблокира нашата интеграција, официјална Софија со преговарачката рамка која ни ја понуди Брисел доби само промена на нашиот Устав и вклучување на Бугарите во него.“ Што е ноторна лага, се разбира, зашто по којзнае кој пат настојува да ги сокрие оние два протоколи како составен дел од рамката! Или навистина ќе нè тераат да мислиме дека онака, „с неба па у ребра“, му текна на премиерот да ги реконструира сите споменици и обележја посветени на НОБ (иако е тоа надлежност на општините)? Но добро, ѓаволот секогаш е кај другиот, нели.
Просто е неверојатно како се свири по идентичните ноти, како и оние претходнине. Иста мелодија, други изведувачи, но ист звук! Па речиси до вчера ја слушавме, зарем мислите дека ја заборавивме?
Но, дека помеѓу ситуацијата во Србија и Македонија сличности има, има. Ама тие се главно во човечкиот односно „раководниот“ коруптивен материјал на двете страни, во оние „елити“ кои ги донесоа земјите до овој степен на мизерување, а сега се трансформираат во единствени спасители. Земји-пустини што милуваат да си ги нарекуваат – држави! Ни „д“ не им остана од државата. Симплонот „Милошевиќ експрес“ сè уште татни низ Србија, како што и низ Македонија продолжува да се игра она оро во тунелот на „Актор“. Го паметите? Ама тунелот е долг, нели, тешко се излегува од него.
Дури и да сакаме, барем за миг, да ги заборавиме овие транзициски децении на комплетно черечење на ресурсите на државата, на енормни лични богатења на поединци, на целосна неспособност и неодговорност на сите досегашни владеачки гарнитури, на милијардата на оној преварант, на „СК 2014“, на пандемиското профитерство и сегашниов енергетски грабеж…, ете дури и да сме подготвени тоа да го ставиме ad acta, што ќе остане како современа македонска историја од 1991 година до денес? Малку, ништо…?! Траорни години, превртени вредности, бандити наместо политичари, месечина од хартија, ужасна девастација на културното наследство, разнебитување на културата, науката, образованието, здравството…? А што ќе остане во Србија? Истото, само што тие барем имаа поголеми странски инвестиции, кои дури и да бидат повлечени – како што ги плашат тетка Урсула – сепак затвориле некоја дупка во буџетот.
Или, како ќе го крстиме „проектот“ наречен промена на името, или овој актуелниов со источниов сосед? Кога ќе соголиме сѐ, што ќе остане? Членството во НАТО, патот кон ЕУ што трае колку и транзицијава и лоповлуков? И тоа ли е сѐ што сработиле „елитиве“ – покрај нивните лични „успеси“ на приватните конта, се разбира – за цели триесет години? Историјата нема да биде благонаклонета кон овој период, но нив тоа не ги загрижува. Зошто? Па другите се ѓаволот, не тие!
Во овој и ваков миг, со оваа цена што ја плаќа македонскиот граѓанин, флоскулата дека сега ги остваруваме вековните цели е – лажна. Таа им служи на „елитите“ како покритие за нивните криминали и лично богатење, како алиби за тоталната неспособност, неморал и политичка и граѓанска неодговорност. Впрочем, суштинската историска цел веќе беше остварена во 1945 година. И во 1991. Ама овие – ја разнебитуваат. Се разбира, не сакам да кажам дека историјата застанува на одреден датум, ниту пак дека современите држави треба да „стојат“ во место. Не, особено не државите од типот на Македонија. Но, повторно: некакви рекапитулации се неопходни, преформулации на целите се од суштинска важност.
Не е реално, не е можно во Македонија да нема поинаков – отпорен и чесен – човечки материјал, дека целата опозиција или независните интелектуалци се еднакви ѓаволи како и овие од власта. Тие секојдневно наметнувани тези мора некако да бидат делегитимирани. Дури, или особено, и со ЕУ и САД како стратешки партнери кои еднаш (ќе) мора да увидат дека целата држава не е корумпирана, дека сите овде не се крадци и лажговци, дека гневот на праведните мора да се искористи аа елиминирање на превласта на неправедните (кои ионака се малцинство!). Речиси е неверојатно дека (и) тие веруваат во држави, и државници, за кои не постои ништо друго освен личниот профит, кои не знаат што е тоа култура, уметност, вредности… Па зарем никој таму не го следи расположението на јавноста, (не)вербата на граѓаните во овие и вакви „елити“?
Ако пак ние навистина немаме сила да го смениме македонскиот морален универзум, да го делегитимираме вистинскиот Натемаго и да ја промениме ваквата слика за Македонија, со или без ЕУ и САД, тогаш „Нашата земја“ го заслужила ова што ѝ се случува.
Извор: Теодосиевски уметност