Делегати го искарале Заев што го разрешил Пауновски и што се дистанцирал од Димитриевски
Борис Станковски од ОО СДСМ Куманово посочил дека состојбите ескалираат во партијата и дека раководството го елиминирало Димитриевски од Централниот одбор.
Делегати на СДСМ на вчерашниот Конгрес на лидерот Зоран Заев му предочиле повеќе проблеми во партијата, меѓу кои и разрешувањето на Стојко Пауновски и оддалечувањето од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Делегатот Владимир Митревски од СДСМ, според објавените аудио снимки, му посочил на Заев:
– Го разрешивте Стојко Пауновски зошто работеше според закон, тоа е катастрофална грешка. Целата одговорност од разговорите со луѓето, од тоа колку го познавам и го знам Стојко Пауновски, сметам дека направивме сериозна грешка, поради тоа што наш директор кој во такви тешки услови се однесуваше така како што се однесуваше и работеше, го разрешивме само поради тоа што не сакаше во општини каде што има прекумерен број вработени да прими уште, не знам која бројка, навистина е дестимулативно за другите – вели тој во снимката.
Делегати на Kонгресот од Куманово, пак, реагирале затоа што градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски не бил кандидат за член на ЦО и побарале да се стави точка на дневен ред со дополнување на кандидатите.
Борис Станковски од ОО СДСМ Куманово посочил дека состојбите ескалираат во партијата и дека раководството го елиминирало Димитриевски од Централниот одбор.
– Дали поради тоа што градоначалникот Димитриевски имаше свои ставови и размислувања е причината поради што тој не е ставен на оваа листа на членови за ЦО на СДСМ? Зашто нема никаква логика, како што кажав, се прават некои нелогични работи во последно време. Не е време за суети, не е време за хајки, треба сите заедно да се обединиме, да го решиме проблемот, што е како е, во кого е проблемот. Во Централата ли е во Скопје, во општинската организација ли е и барам од работното претседателство името на Максим Димитриевски да го стави на листата предлог кандидати за ЦО, а до делегатите да се изјаснат дали се за или против – вели Станковски во објавената снимка.