Во рамки на настанот „Делчевска културна разгледница“, синоќа во Делчево свои дела презентираа роднокрајни автори од Пијанечкиот регион.
– Ова беше еден колаж на кој ги претставивме роднокрајните автори, а тука со нас се и членовите на некогашното Експерименталното театарче кои изведоа неколку скечеви, а читаа и дел од поезијата и прозата на авторите. Се надевам дека ќе имаме уште вакви настани под маски – рече еден од учесниците, познатиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски.
За членовите на некогашното Експериметналното театарче беше повеќе од задоволство да се биде дел од настанот.
-На ваквите настани чувствуваме колку на градот во овие тешки времиња, на народот му треба малку повеќе хумор, а ние сме тие чинители кои го правиме хуморот во градот, истакна актерот Љупчо Златковски.
Во рамки на настанот беше промовирана збирката поезија „Подметнати неба“ од роднокрајниот автор Христина Деолска.
-Ова ми беше изненадување. Ова е втора збирка поезија и сум пресреќна. Им благодарам на организаторите и на сите присутни кои овозможија да се чувствувам потполно и задоволно, рече Деолска.