Владата на денешната 50-та седница го утврди текстот на Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес“, информираат од владината прес служба.
Владата на денешната 50-та седница го разгледа и усвои и Планот за борба против корупцијата и здравствениот протокол за непречено спроведување на Пописот.