Деконструкција на реконструкцијата
Заради нивните партиски пазари, половина Македонија остана без плата, ФЗОМ е хакиран, се изрезилија на меѓународниот пазар на пари, „затворените прашања“ останаа отворени, а којзнае уште колку исписници од училиштата се пишуваат заради трајно иселување. До крајот на реконструкцијата можеби и за Дарко Каевски Ахмети ќе стане Тито, наместо Заев. Има време и верувам дека Дарко тоа го може!
Димитар Ковачевски со неколку реченици во Собранието оваа т.н. реконструкција ја претвори во деконструкција на лажната мантра за „европски фронт“ и за стабилно собраниско мнозинство: дека зафатот не е мотивиран од имиња и презимиња; ниту од тесно-партиски интереси на ниту една партија во Владата; дека не се врзани со желбите, мотивите и барањата на било кое партиско раководство; и дека „носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата“!
Деконструкцијата подразбира дека смената на министри е поради нивно антиевропско делување. Што тоа, според Ковачевски, сработил Тупанчевски спротивно на интегративните процеси, или можеби Сали во здравството, или Нуредини во екологијата, па не може да е дел од „европскиот фронт“? Ковачевски мора да објасни дали тие сменетите се кочничари кон „единствениот пат на државата“?
Тоа мора јасно да се каже, па само пред еден месец заедно на трибини ја славеа успешноста на владата. Не секој може да следи три рала вечерни ТВ вести за да го фати вистински пазар на Ковачевски со Ахмети. Оној истиот „Пазар 3“ на Тупанчевски којшто се надоврзува на изјавата на Црвенковска при оставката од Судскиот совет поради „судско-бизнис притисоци“.
Ковачевски мора да каже дали меѓу досегашните министри – оние истераните или доброволно заменетите – се и оние тројца функционери коишто Славица Грковска никогаш не ги именуваше, а ги обвини за криминогеност? Ако се прави реконструкција, не може да не се знае дали и во новиот состав на „фронтот“ остануваат лукративно-криминогени министри? Грковска е заменик-премиер, па зборот треба да ѝ тежи. Ама, деконтрукцијата го покажува токму спротивното, молк пред барањата на партиските раководства.
Уште подлабока е деконструкцијата на поединечната трговија со пратеници, спротивно на флоскулите дека немало „желбите и мотивите“ или „имиња и презимиња“. Пратеникот Зејд ќе поддржел да биде на „фронтот“ откако му било ветено меѓународен процес за судски одлуки. Едно е што Зејд со тоа директно праќа порака дека нема вистински правен/судски систем во Македонија, најстрашно е што со него се согласува и премиерот, и иако некои веќе се и повторени процеси, му ветил исполнување на „желбата и мотивот“ на „името и презимето“.
Со здравје да си го носат „фронтот“ и скринингот со ваков договор.
Ковачевски мора да деконструира што пазар е направен и со Лучи од Алтернатива, па и да ја објасни улогата на Стево Пендаровски во собирањето собраниски гласови, за што Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ јавно праша на ТВ за телефонските јавувања?
Ковачевски сето ова мора да го објасни, бидејќи бројките на окрупнувањето не се баш за „фронт“. Напротив, само се потврдува деконструкцијата за подреденоста под Ахмети и зафатот поради внатрешните проблеми во ДУИ. Ковачевски влета во партиската пресметка во ДУИ за спас на Артан Груби и Бујар Османи. Дали и како ова ќе му се врати на СДС, очекувам наскоро да сведочи јавноста.
Тоа е причината за оние комични пењавења на пратениците од СДС за спас на Груби и на Бујар. Немам сомнеж дека зад сите од СДС што излегуваат на говорница има опашки од услуги и долг кон ДУИ. На пример жолчноста на Мартин Костовски, откако Османи и Груби му ја вработија сопругата во МНР.
До крајот на реконструкцијата можеби и за Дарко Каевски Ахмети ќе стане Тито, наместо Заев. Има време и верувам дека Дарко тоа го може!
Полесно би му било тоа, отколку да зборува дека заради нивните партиски пазари половина Македонија остана без плата, ФЗОМ е хакиран, се изрезилија на меѓународниот пазар на пари, „затворените прашања“ останаа отворени, а којзнае уште колку исписници од училиштата се пишуваат заради трајно иселување.