„ДЕКО, ДЕКО, ГОРИ!“ Имало 3 прскалки, искрите ги пецкале гостите
Вечерта не ги видовме прскалките, ама кога ги запалија, осетивме како нè пецкаат, па се тргнавме. Имаше 3 прскалки, сами се активираа, најверојатно со копче, сведочеше Бојан Клименков.
Бојан Клименков, кој претходно работел како келнер во „Пулс“, а кобната вечер бил присутен како гостин, денеска сведочеше дека кога се запалиле прскалките, гостите осетиле како ги пецкаат, па се поттргнале.
Вечерта тој дошол во дискотеката со другар му Петар Ивановски, кој загинал во пожарот.
– Вечерта не ги видовме прскалките, ама кога ги запалија, осетивме како нè пецкаат, па се тргнавме. Имаше 3 прскалки, сами се активираа, најверојатно со копче. Откако се активираа, се тргнавме настрана, видовме дека се запали плафонот над левата прскалка, лева гледано кон бината. Панчо викна „Деко, Деко, гори“. Деко дојде со ПП апарат и се обиде да гасне, па се упати десно од бината, можеби да се исклучи струјата. Тогаш Панчо рече излегувајте и сите тргнавме кон надвор. Беше топло, ме зафати стампедото и се онесвестив. Кога се освестив, над мене имаше 5-6 тела. Кога се освестив, ми помогна Горан Илиев да излезам. Додека лежев ги видов сите кои спасуваа. Тоа беа Лазар Захариев, Горан Илиев, Методиј Клименков, мојот брат, Мартин Јосифов, Драган Петрушев. Кога ме извлекоа ги видов пожарникарите. Надвор пак се онесвестив и се освестив во комбето на пат кон болница – раскажа сведокот.
Бојан работел во „Пулс“ како келнер, три сезони, но не бил осигуран.
Тој рече дека по реновирањето во дискотеката биле отстранети терасите со сепарињата, а сепарињата биле преместени лево и десно од бината.
Според него, лево од влезната врата имало мала врата, која била заклучена, а понекогаш била отклучувана за да излезат малолетници во случај да има рација.