ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА ХРВАТСКА И СЛОВЕНИЈА Е НЕПРИЈАТЕЛСКА КОН СРБИЈА Некој подготвува нешто, предупредува Вучиќ

Овие дејства се јасно и недвосмислено непријателски кон српскиот народ и државата Србија, но, мораме да останеме смирени и да не дозволиме да бидеме вовлечени во конфликти, рече српскиот претседател Александар Вучиќ за декларацијата за воена соработка што вчера ја потпишаа Загреб и Љубљана.

423

Декларацијата за воена соработка меѓу Хрватска и Словенија е непријателска кон Србија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ и најави дека ќе разговара за ова прашање со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

– Ме загрижува молкот на луѓето од ЕУ и од НАТО. Ќе се обидам да разговарам со Марк Руте, за да видам за што се работи – изјави Вучиќ.






Тој додаде дека Руте претходно му рекол дека не е запознаен со декларацијата за соработка во одбраната меѓу Хрватска, Косово и Албанија.

Вучиќ изјави дека Србија има негативни искуства од 90-тите години и дека, гледано низ историска призма, е јасно дека „некој подготвува нешто“. Тој повика на смирување на тензиите и зачувување на стабилноста, истакнувајќи дека Србија мора да се зајакне економски и воено, за да биде одвраќачки фактор.

– Овие дејства се јасно и недвосмислено непријателски кон српскиот народ и државата Србија, но, мораме да останеме смирени и да не дозволиме да бидеме вовлечени во конфликти – рече тој.

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ и неговиот словенечки колега Борут Сајовиќ вчера во Загреб потпишаа декларација за воена соработка, што Анушиќ ја опиша како „ново поглавје“ во веќе силните одбранбени врски меѓу двете земји. Декларацијата опфаќа сè што може да се направи, за да се подобри ефикасноста на вооружените сили и одбранбените индустрии на двете земји.

Анушиќ истакна дека слична декларација Хрватска потпиша со Албанија и со Косово во март и дека се водат преговори со Бугарија за приклучување кон оваа иницијатива.

Словенечкиот министер Сајовиќ на вчерашната прес-конференци во Загреб нагласи дека промените во светот бараат зајакнување на соработката во одбраната и дека Загреб и Љубљана имаат голема одговорност за мирот во Западен Балкан, особено во Косово и во Босна и Херцеговина.

 

Поврзани содржини