ДЕГУСТИРАЈТЕ МЕД, КУПЕТЕ СИ ТЕГЛА ЗДРАВЈЕ Викендов саем за мед во центарот на Скопје
Пчеларите велат дека годинава има малку подобри приноси на мед во некои краеви во земјава за разлика од минатите години.
Повеќе од 20 изложувачи од сите краеви на земјава од денеска и во текот на викендот изложуваат мед и пчелни производи на штандовите што се поставени на плоштадот „Македонија“ во Скопје во рамките на четвртиот „Пчеларски саем на Македонија“ во организација на Пчеларската федерација на Македонија, под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За време на тридневното траење на манифестацијата, чиј домаќин е Градот Скопје, посетителите ќе можат да дегустираат мед и пчелни производи, а на одреден дел од штандовите ќе се нуди и пчеларска опрема за потребите на пчеларите.
– Пчеларството во Македонија оди во нагорна линија. Имаме пчелари од сите бранши, од сите старосни структури. Пчеларството станува фамилијарен бизнис со традиција и голем број млади се определуваат за пчеларството како основен бизнис – рече Јане Марков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија на официјалното отворање на саемот.
Тој нагласи дека годинава има малку подобри приноси на мед во некои краеви во земјава за разлика од минатите години, иако, како што рече, има потфрлување кај шумскиот мед.
– Нашите пчеларници се оддалечени повеќе од стотина километри и се сместени во чиста средина. Енергетската криза си го прави своето. Ако до сега за една посета на пчеларникот се трошело одредена количина пари во гориво, сега потрошувачката е зголемена на повеќе од сто отсто. Се планира да се смени и правилото за субвенции за пчеларите. За тоа треба сериозно да се размисли, бидејќи претставува опасност голем број пчелари да се откажат од пчеларењето, а со тоа да биде згрозена нашата животна средина – посочи Марков.