ДЕДО МРАЗ И ЈУНАЦИ ОД БАЈКИТЕ ГИ ИЗРАДУВАА ДЕЦАТА Традиционален настан „Да подариме насмевки“ на Детската клиника во Скопје
Од Црвниот крст на град Скопје по шести пат го организираат овој традиционален предновогодишен настан посветен на децата.
Дедо Мраз заедно со омилените јунаци од бајките и од цртаните филмови денеска ги израдуваа дечињата од Детската клиника во Скопје, во рамки на традиционалниот настан „Да подариме насмевки“ во организација на Црвениот крст.
Директорката на Клиниката, Стојка Нацева Фуштиќ информираше дека во моментот на Клиниката се наоѓаат околу 80 дечиња.
Во изјава за медумите, Нацева-Фуштиќ рече дека Црвениот крст не ги заборава децата, особено оние во болница, посочувајќи дека овој настан предизвикува насмевки кај нив.
Арѓенд Чиљафи, координатор на Тимот за одговор при катастрофи при Црвниот крст на град Скопје, посочи дека по шести пат го организираат овој настан со учество на Тимот за спасување на планина при Црвениот крст на Скопје, поддржани од „Анимација Бамбино”.
– Настанот е од волонтерски карактер, рече Чиљафи, изразувајќи надеж дека ќе им се приклучат и други организации, со цел на што повеќе дечиња, да им се подарат насмевки.
Дечињата од Детската клиника во Скопје добија и новогодишни подароци од Дедо Мраз