Децата што ќе се родат сега по 18 години ќе користат само половина од својот потенцијал

Кај најразвиените економии во светот индексот на човечки капитал изнесува над 0,8, кај земјите од Европската унија околу 0,75, додека кај земјите во регионот потенцијалната продуктивност во просек е 0,65.

1,227

Согласно индексот на човечки капитал на Светска банка, кој ја мери потенцијалната продуктивност на граѓаните, откако ќе наполнат 18 години, според нивото на инвестиции во образование, здравство и социјална заштита во периодот од 2010 до 2020 година, индексот на човечки капитал за С Македонија се движел помеѓу 0,54 или 0,56. Тоа  значи дека децата кои ќе се родат сега, согласно инвестициите во нив за образование, здравство и социјална заштита, кога ќе наполнат 18 години ќе користат околу 50 отсто од својот потенцијал. Инаку, кај најразвиените економии во светот индексот на човечки капитал изнесува над 0,8, кај земјите од Европската унија околу 0,75, додека кај земјите во регионот потенцијалната продуктивност во просек е 0,65.

Овие податоци денеска на Економскиот факултет во Скопје ги соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими говорејќи на вебинарот на тема „Предизвици за високото образование од областа на економијата во периодот на постковид“.






Според него, човечкиот капитал е во директна корелација со економскиот раст, односно преку раст на знаењата и вештините на граѓаните може да се делува кон забрзување на растот.

– Оттаму, еден од приоритетите во плановите и проекциите за заздравување и забрзан раст се инвестициите во човечкиот капитал- рече Бесими.

Тој рече дека изминатите неколку години се настојува да се издвојуваат повеќе средства во буџетот за областите образование, здравство и социјална заштита, што резултирало нивно повеќекратно зголемување.

Според вредноста на Индексот на човечкиот капитал, Светска банка го оценува успехот на одредена земја во развивање на вештини и компетенции на луѓето преку процесот на образование и учење, како и употреба на стекнатите знаења преку продуктивно вработување. Овој Индекс го мери износот на човечки капитал кој децата родени денес, може да очекуваат да го достигнат до нивната 18 годишна возраст, од друга страна прикажувајќи колку земјите губат од економската продуктивност поради недоволното вложување во своите луѓе.
Нашата држава се наоѓа на 88 место од 157 држави опфатени со овој Индекс.

Поврзани содржини