Децата од септември ќе учат во затворски услови: Гестапо-дистанца, ред за во тоалет, исклучена вентилација!
Родителите имаат дилема дали Комисијата ги имала на ум сите состојби во училиштата пред да ги донесе Протоколите за физичко присуство на децата на настава.
Од септември е најавено дека наставата во училиштата ќе се одвива со физичко присуство на учениците. Комисијата за заразни болести ги донесе Протоколите за настава за основно и за средно образование, а Министерството за образование ги прифати.
Иако можеби не се разликуваат премногу од оние протоколи кои беа донесени минатата година, сепак предизвикаа реакција во јавноста која смета дека со оглед на капацитетите на училиштата дел од нив нема да можат да ги исполнат ни основните услови за обезбедување растојание на учениците во училниците, потоа за бројот на хигиеничари, правилната употреба на средствата за хигиена и проветрувањето на училишните простории каде што ќе се движат и престојуваат учениците, како и за редарските служби, опременоста на тоалетите.
Два часа за тоалет
Родителите имаат дилема дали Комисијата за заразни болести ги имала на ум сите состојби во училиштата пред да ги донесе Протоколите за физичко присуство на децата во училниците.
– Малку е неразбирливо зошто се бара од тинејџерите кои моментално се дружат во кафулиња и на забави да држат растојание и да не комуницираат во училиште. Можеби треба да се направи нешто друго во однос на заштитата на нивното здравје на школо отколку да им се каже дека треба на 1,5 метри да разговараат. Спорно ми е и она со користењето на спортските сали. Во нив, иако од исто одделение, децата ќе играат ракомет или фудбал, па како ќе држат растојание? Ќе си дишат еден во друг. Или мислат дека ќе вежбаат само гимнастика, не знам. Посебно проблематично е одењето во тоалет. Таму треба да се формира ред, а знаеме какви се капацитетите на тоалетите во училиштата. За да појдат во тоалет на пример 20 ученици од ист клас им треба најмалку 2 часа, ако секој од нив оди по 5 минути таму и се дезинфицира потоа – вели Ивана Антеска, мајка на двајца средношколци.
Посебно проблематично за родителите е тоа што со протоколот за настава во основно образование се предвидува само тројца ученици да можат да престојуваат во една просторија за организирање продолжен престој.
– Не знам што мислеле оние кои го пишувале Протоколот кога определиле само три ученици да можат да останат во училница за време на продолжениот престој. Дали училиштата за оваа намена ќе имаат една или повеќе училници не е познато, но знам дека поголем број родители поради времето на работа планираат да ги остават децата и по настава во училиште. Што со нив? Како ќе се избира кое дете ќе има продолжен престој, а кое нема да има? Сето ова создава нервоза кај нас родителите – вели Александра М. од Скопје.
За родителите од руралните средини, пак, спорно е тоа што децата во услови на ширење на делта-сојот нема каде да ги измијат рацете, а тоалетите се полски и без чешми.
– За наставата не е спорно, има доволно училници. Иако не се добро опремени, сепак ќе можат децата да учат по овие протоколи, но што со хигиената по одење во тоалет? Во полскиот тоалет нема спроведено вода. Како ќе ги мијат и дезинфицираат рацете? Но да почекаме да видиме како ќе ја организираат наставата – вели родител од велешко село.
Сите ученици на тестирање?
И медицинските лица имаат забелешки на протоколите.
Доктор Илчо Ефкоски, кој на социјалните мрежи ги коментира протоколите за настава со физичко присуство, отвора неколку дилеми кои се однесуваат на употребата на климатизерите и вентилацијата во училиштата, социјалната дистанца и мерењето температурата, но и за човековиот фактор кој треба да се грижи за хигиената и дезинфекцијата на училишните простории.
„Вентилација е спомената само еднаш и тоа дека истата не смее да се употребува доколку ја има во училниците? Кој и да го напишал ова, не разликува климатизација и вентилација на воздухот. Дополнително и климатизација е пишано да не се употреба? Знаете дека 28 степени е максимална температура на внатрешниот воздух при која смее да се изведе наставата? Пишува да се чисти и дезинфицира постојано? Со колку чистачи ова е можно? Дополнително и можеби поважно, знаете дека при чистењето и дезинфекцијата, хемикалиите кои се употребуваат испаруваат и создаваат токсични аеросоли во воздухот кои притоа треба да се исфрлат токму преку вентилација како не би ги дишеле децата и вработените во училиштето? Сте прочитале на што личи социјализацијата на децата во училиштата? Гестапо не е рамен. Пишано е да одржуваат физичка дистанца. Да не ги проширија училиштата во меѓувреме? Температура ќе им мереле. Оваа мерка е исфрлена од лани кога се увиде дека е задоцнета мерка која воопшто не штити никого – пишува Ефкоски.
Неговиот колега доктор Нико Беќаровски, кој е доста активен на Фејсбук, во својот коментар во врска со протоколите предлага тестирање за ковид-19 на сите ученици пред почетокот на учебната година.
„Во Македонија има околу 220.000 ученици во основното и средното образование, од кои повеќе од 20.000 официјално го прележале вирусот, а сигурно уште 2-3 пати повеќе асимптоматски го прележале. Ајде сите овие наши 220.000 деца да ги истестираме пред почетокот на новата учебна година за присуство на антитела кон SarsCov-2. Целата операција би чинела 2 милиони евра, а би добиле јасен показател колку ќе биде безбедна наставата со физичко присуство, а индиректно и јасен параметар колку сме блиску, или далеку, од создавање на колективен имунитет“, пишува Беќароски.
Синдикатите на готовс
Синдикатите кои ги претставуваат наставниците, засега не се впуштаат во коментирање на протоколите, но најавуваат запирање на наставата ако почувствуваат дека се загрозува здравјето на наставниците со стриктна примена на Протоколите.
– Ако надлежните за тоа донеле вакви протоколи, а Министерството за образование ги прифатило веројатно ги имале на ум моменталните услови за работа во училиштата. Останува надлежните, мислам на директорите и локалните самоуправи да се обидат во целост да ги спроведат. За нас е најважно протоколите, директорите и локалните власти да обезбедат нормални и безбедни услови за работа на наставниците да се заштити нивното здравје и здравјето на децата. Училиштата да не бидат место на ширење на зараза каква и да е. Не би критикувале делови од Протоколот, но се надеваме дека надлежните ќе ги подготват училиштата за наставата која претстои. Со оглед дека знаеме какви се капацитетите на дел од училиштата се надеваме дека до почетокот на учебната година ќе се создадат потребните услови за работа. Во спротивно, ние како синдикат нема да дозволиме да се одвива настава во небезбедни училишта – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Сличен е ставот и на Драге Јовановски, претседател на Меѓуетничкиот синдикат за образование.
– До почетокот на учебната година има уште два месеца и тоа е доволно време за подготовки, но и долго време за да се каже дали Протоколите ќе бидат применливи во евентуалните нови услови кои ќе настанат во земјата со пандемијата. Затоа сметам дека е рано за каков било коментар во врска со Протоколите за средно и основно. Но мислам дека нема ништо ново во овие протоколи, а што не беше напишано во ланските – вели Драге Јовановски претседател на Мултиетничкиот синдикат за образование.
Според него, училиштата во градските средини имаат капацитети и ќе можат да ги исполнат, а за оние во селските средини ќе треба многу напор за да се овозможи примена и на најосновните прашања од протоколот.
– Во некои училишта нема услови за нормална настава, па затоа ќе треба да се изврши и инспекциски надзор да се види колку ќе може да се примени настава со присуство на учениците – вели Јовановски.
Што точно предвидуваат Протоколите?
Се предвидува физичка дистанца од 1,5 метри во училница, ходник и во двориштето на училиштето. Комуникацијата да се сведе на минимум. Маските се задолжителни. Се забранува пуштање на климатизери и вентилацијата во училиштата, а се бара често проветрување на просториите во кои престојуваат учениците. По можност, доколку дозволуваат условите да се предава во училници со отворени прозорци. Посебни услови за движење на учениците има за ходниците, тоалетите, соблекувалните во салите за физичко образование и кабинетите за практична обука во средно образование. За сето тоа ќе бидат одговорни редари од редовите на вработените во училиштето, класните раководители и предметните наставници.
Протоколите предвидуваат посебни процедури за хигиена и дезинфекција на училниците, тоалетите, спортските сали, ходниците и секаде каде што учениците или наставниците поминуваат и каде што престојуваат.
Предвидени се и посебни услови за училиштата со продолжен престој.
„Во основните училишта каде има продолжен престој, потребно е истиот да биде организиран во рамките на расположливите просторни капацитети и да се реализира со 3 ученици од иста паралелка и од исто одделение (без мешање на децата од различни одделенија или паралелки)“, пишува во Протоколот за основно образование.
Родителските средби, пак, е предвидено да се реализираат на отворено или онлајн. Протоколите предвидуваат и низа други обврски за училиштата, наставниците, учениците и родителите.