Децата ќе ни бидат слепи и неписмени, ама дигитализирани

Децата кои ќе учат од компјутери во исто време ќе ги користат и социјалните мрежи, ќе слушаат музика, ќе играат игри, а да не зборуваме за зрачењето од екраните. Лично сметам дека ваквиот чекор ќе направи повеќе штета отколку корист, објаснува професорката Лидија Димеска.

813

Постојаните критики во јавноста како воопшто да не допираат до министерката за образование Мила Царовска, која упорно настојува да се спроведе новиот концепт во образовниот систем кој треба да почне од септември, а предвидува целосно отфрлање на учебниците и прифаќање на компјутерот како основно средство за учење лекции и за пишување домашни задачи за учениците од четврто одделение па нагоре.

Таа вели дека помладите генерации растат во дигитално време, па затоа таквите дигитални учебници се голема придобивка.






Но, голем дел од наставниците и професорите не се согласуваат со нејзините тврдења. Тие сметаат дека нашето општество сè уште не е подготвено за таков чекор, а како што велат, постои опасност децата буквално да заборават да пишуваат.

Повеќе штета отколку корист

Лидија Димеска, професорка во СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје, за Плусинфо вели дека екранот во никој случај не може да ја замени хартијата, а како што истакна, токму сегашните услови за одржување настава и за учење во време на пандемијата се доволен показател дека нашето општество сè уште не е подготвено за целосна дигитализација.

– Книгата си е книга, а компјутерот си е компјутер. Ако сакате да изгубите цели генерации, тогаш одземете им ги книгите на децата. Ние како општество сè уште не сме подготвени за целосно да ги исфрлиме учебниците, а да ги прифатиме компјутерите. Скоро цела година работиме во пандемиски услови, а во мојот клас има деца кои, едноставно, немаат можност да следат онлајн настава. Па ние наставниците се организираме, им праќаме материјали на Фејсбук или на Вибер, па децата излегуваат да пронајдат интернет и надвор од својот дом ги пишуваат домашните задачи и ги учат новите лекции. И сето ова се случува во главниот град, а можам да замислам како е во другите помали градови и села. Дали можете да замислите какви тешкотии ќе имаат овие ученици ако им бидат одземени учебниците и бидат принудани да користат компјутери или таблети? – објаснува Димеска.

Таа вели дека со новата реформа децата ќе заборават да држат молив и пенкало.

– Многу важна работа е моториката, односно усовршувањето на ракописот. Ако книгите бидат заменети со таблети и со компјутери, тогаш бидете сигурни дека учениците ќе заборават да пишуваат. Исто така, учењето на екран нема да биде исто како учењето од книга. Децата кои ќе учат од компјутери во исто време ќе ги користат и социјалните мрежи, ќе слушаат музика, ќе играат игри, а да не зборуваме за зрачењето од екраните. Лично сметам дека ваквиот чекор ќе направи повеќе штета отколку корист. Се плашам дека децата ќе ни бидат ем слепи, ем неписмени – објаснува Димеска.

Без објаснување

Борче Милошески, професор по историја во СУГС „Никола Карев“, објаснува дека остварувањето на идејата за масовна употреба на учебниците во електронска форма, впрочем, како и целокупниот нов образовен концепт и овој пат е форсиран од страна на Министерството, без прикажани соодветни претходни анализи во контекст на реалните услови кои ние ги имаме моментално во однос на тоа колку ваквиот потег е практичен и одржлив.

– Првенствено, јасно е дека немаме социјални и економски услови за сите ученици моментално и немаме подетално објаснување во однос на тоа како ова прашање би се решавало за оние семејства кои финансиски се загрозени. Во одреден момент министерката Царовска по некои од јавните медиуми посочуваше примери од Канада и други држави кои на многу полиња не би можеле да се споредат со овдешните услови. Самата идеја не е спорна, меѓутоа начинот на кој се спроведува, недоволниот слух кон јавноста, особено, кон стручната фела, придонесува да се јави силен и оправдан отпор. Министерката одговори дека јавноста не треба да потпаѓа под влијание на „партиски ботови“, небаре, тие што се партиски определени немаат право на мислење во однос на прашањето. Впрочем, ние немаме одредена експертска влада во моментов и самата министерка не е поставена како експерт од образованието на функција, колку што ми е познато, без еден ден работно искуство во образование, туку е поставена поради нејзината политичка позадина – објаснува Милошески.

Професорката по латински и старогрчки јазик, Моника Силјановска, пак, посочува пример за тоа како Ален Гинзберг, поет и писател, дошол во Македонија и побарал книга од Јован Котески.

– Кога Ален Гинзберг, поет и писател, дошол во Македонија, меѓу другото, и како претседател на Пен центарот, знаејќи дека Јован Котески е во затвор, нели, осуден согласно законите на државата, прашал: „А, вие ги уништувате и неговите книги? Бев во сите книжарници и не најдов ниту една негова книга“. Оттаму му одговориле дека книгите ги нема оти многу се трошеле. Па, наскоро, кој и да дојде во Македонија, книги нема да сретне, и слободата нема да ја има. Крилатицата напластена со векови искуство, јасно го подава единството на книгата и слободата, како возглас со совршена игра на зборови: Liber-libertas! Книга-слобода! А, што е отсуството на слобода, ако не мрак?! Иво Андриќ, прашан зошто целиот износ од Нобеловата награда го донирал во унапредувањето на библиотекарството во Босна и Херцеговина, одговарил дека само книгите можат да ја извлечат Босна од мрачниот вилает – посочи Силјановска.

Книгите се осудуваат на пропаст

Свештеникот Милан Ѓорѓевиќ од Македонската православна црква (МПЦ-ОА), на својот блог пишува дека човекот е психосоматско суштество, чија цел е да се постигне целовитост на постоењето, додека обезвреднувањето и отфрлањето на која било битијна димензија претставува дуализирање на природата.

Тој посочува дека ревноста со која се осудуваат книгите на пропаст наликува на месалијанско-богомилското отфрлање на телото и на Светото писмо на Стариот завет.

Ревноста со која се осудуваат книгите на пропаст наликува на месалијанско-богомилското отфрлање на телото и на Светото писмо на Стариот завет.

Отец Милан Македонска православна црква (МПЦ)

„Во случајов, непосредниот телесен контакт со материјалната стварност на книгата како посебна и целовита суштина (οὐσία) не смее да се потцени. Читањето е интегрално искуство кое ги вклучува како душата, така и телото, како сетилото за вид, така и останатите сетила (слух, мирис, вкус и допир). Ревноста со која се осудуваат книгите на пропаст наликува на месалијанско-богомилското отфрлање на телото и на Светото писмо на Стариот завет. Но, нашите писменост и книжнина не се темелат врз злоучењето на поп Богомил и нему сличните, туку врз подвигот на вдахновени и мудрољубиви учители и просветители како што се светите браќа Кирил и Методиј. За нив, човекот е суштество кое не само што ги обединува телесното и душевното, туку во себе ги синтетизира временото и вечното, минливото и неминливото, тварното и нетварното. Целта на таквата синтеза е осветувањето на целиот човек – како во смисла на неговите душевни сили и енергии, така и на телесните“, пишува отец Милан.

Екраните го попречуваат разбирањето

Различни студии во светот покажуваат дека употребата на дигиталните учебници може да го влоши разбирањето, а исто така покажуваат дека е позаморно е читање од екран отколку од хартија.

Мариен Волф, истражувач за детска писменост на Универзитетот Тафтс, САД, открила дека децата ги покажуваат своите активности кога пишуваат рачно, а не кога пишуваат на тастатура или кога читаат на компјутер.

– Во технолошките уреди е полесно да се чита, но сепак помалку се памети. Има леснотија во читањето, но луѓето треба да почувствуваат хартија кога читаат, мозокот несвесно го бара тоа – вели Волф.

Сличен став дели и Абигејл Селен од Универзитетот Кембриџ, кој објаснува дека дигиталниот читач се движи низ страниците, но дека нема глобална визија за книгата.

– Екраните го попречуваат разбирањето. Екранот не го постигнува чувството што го нуди книгата. Книгата на хартија е како топографска карта што го води ученикот и му помага да научи што чита – вели Селен.

Овие светски студии сугерираат дека заменувањето на книгата со екран уште од најрана возраст има многу недостатоци. Децата и родителите кои учествувале во оваа студија повеќе се сеќавале на детали кои ги прочитале низ книгите, отколку на дигитални интерактивни анимации.

Поврзани содржини