ДЕЦА УМИРААТ ПО ПРЕДИЗВИК НА ТИК-ТОК СО ЗАДУШУВАЊЕ Британски родители поднесоа тужба против социјалната мрежа

Родителите на починатите деца пред суд во САД бараат одговорност од компанијата и се залагаат да се донесе закон што ќе им овозможи пристап до профилите на нивните деца на социјалните мрежи во случај на нивна смрт.

112

Група британски родители го тужат ТикТок по смртта на нивните деца, една од нив е мајката Елен Рум, која деновиве е во САД на првото рочиште во процесот против социјалната мрежа.

Таа изјави дека бара одговорност од компанијата и се залага да се донесе закон што ќе им овозможи на родителите пристап до профилите на своите деца на социјалните мрежи во случај на нивна смрт, пишува Би-Би-Си.






Ролиштето го иницираше Центарот за право на жртвите на социјалните медиуми.

– Време е да ги сметаме за одговорни и да прашаме „што им покажувате на нашите деца? – вели рече Рум.

Во тужбата се тврди дека нејзиниот син Џулијан Џулс Свини, Исак Кеневан, Арчи Батерсби, Ноа Гибсон и Маја Волш починале додека се обидувале да го извршат таканаречениот „предизвик за затемнување“ (blackout chalenge).

Во овој опасен интернет-предизвик учесниците се обидуваат намерно да си го прекинат дотокот на кислород до мозокот сè додека не изгубат свест. Најчесто се изведува со стегање на вратот, задржување на здив по хипервентилација или со притисок врз градите или вратните артерии.

Тврдења од тужбата

Во тужбата, поднесена во Вишиот суд во Делавер, се тврди дека смртта на децата била „предвидлив резултат на одлуките за дизајн и програмирање на ByteDance, кои предизвикуваат зависност“, кои „имале цел да ги охрабрат децата да го максимизираат своето ангажирање со ТикТок со сите потребни средства“.

Рум ја објасни тековната фаза од тужбата.

– Имаме прво рочиште со ТикТок и тоа се нарекува барање за отфрлање. Значи, ТикТок се обидува да нè избрка, а нашите адвокати велат: „Не, имаме случај тука“. Ако ја поминеме таа фаза, ќе стигнеме до фазата на собирање докази, каде што ТикТок мора да ги објави податоците на нашите деца ако не ги избришале – вели мајката.

Покрај тужбата, Рум се залага за закон наречен „Џулсов закон“. Таа се обидува да добие податоци од ТикТок и од матична компанија, ByteDance, за кои верува дека би можеле да фрлат светлина врз околностите околу смртта на нејзиниот син.

Случаи на починати деца

Нејзиниот 14-годишен син Џулс починал во 2022 година во својот дом во Челтнам. Обдукцијата ја исклучила можноста за самоубиство, а Рум верува дека нејзиниот син починал откако онлајн предизвикот тргнал наопаку.

Тринаесетгодишниот Исак Кеневан од Басилдон, исто така, починал откако се верува дека учествувал во таканаречен предизвик со задушување.

Родителите на 13-годишната Маја Волш, пронајдена мртва во нејзиниот дом во Хартфордшир во октомври 2022 година, исто така веруваат дека таа учествувала во онлајн предизвик, а истрагата за нејзината смрт ќе го испита нејзиното користење на ТикТок.

Во случајот на 12-годишниот Арчи Батерсби, се покажа дека тој починал случајно откако „шегата или експериментот“ тргнала наопаку во неговиот дом во Саутенд во април 2022 година.

„Не се работи за парите“

Рум нагласи дека овој случај „не е за парите“.

– Сакам да видам што гледало моето дете и ако се работи за социјални медиуми, сакам одговорност. Компаниите за социјални медиуми им даваат на нашите деца штетен материјал. Тие ги дизајнираат своите производи да предизвикаат зависност и автоматски „ги закачуваат“ и децата и возрасните“ – вели Рум.

Таа додаде дека е време „овие големи компании всушност да станат одговорни и да преземат дел од одговорноста“.

– Едноставно не чувствувам дека имаат никаков морал кога станува збор за правилно грижење за нашите деца – рече Рум.

Одговорот на ТикТок

ТикТок соопшти дека нивните „најдлабоки сочувства остануваат со овие семејства“.

– Строго забрануваме содржина што промовира или поттикнува опасно однесување. Со користење на робусни системи за детекција и со посветени тимови за спроведување за проактивно идентификување и отстранување на оваа содржина, отстрануваме 99% од она што ги крши овие политики пред да ни биде пријавено – вели портпаролот на компанијата.

ТикТок бара да се отфрли тужбата, тврдејќи дека судот нема надлежност над туѓителоте, кои се претежно во Обединетото Кралство, и дека американскиот закон, вклучително и Првиот амандман, исклучува одговорност за содржина од трети страни.

„Сите ги сакаме нашите деца“

Метју Бергман, основач на Правниот центар за жртви на социјалните медиуми и адвокат кој ги застапува родителите, рече дека прашањето за онлајн штетата е нешто за кое „политиката се чини дека се согласува“.

– Без разлика дали сте либерални или конзервативни, републиканци или демократи, сите ги сакаме нашите деца и сите можеме да се согласиме за ова. Се чини дека го правиме тоа, и тоа е многу охрабрувачки – рече тој.

Бергман верува дека промената е можна преку комбинација од „законодавство и користење на системот на граѓанска правда“ за да се повикаат компаниите финансиски да бидат одговорни, како и од „судот на јавното мислење“.

– Гледаме дека јавните службеници, судиите и влијателните лица навистина ја разбираат јасната и присутна закана што социјалните медиуми ја претставуваат за менталната и физичката безбедност на нашите млади – додаде тој.

Поврзани содржини