ДЕЦА СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА СЕДАТ ДОМА ОТИ ДНЕВНИТЕ ЦЕНТРИ НЕ НАБАВИЛЕ ГОРИВО ЗА СПЕЦИЈАЛНИТЕ КОМБИЊА Од Министерството очекуваат проблемот наскоро да се реши

Од јануари досега немаме превоз и секој мора да се снаоѓа за да го однесе детето во дневниот центар, кој е сместен во рамките на ОУ „Киро Глигоров“. Некои родители сами ги носат помалите деца со автомобили, моето има 26 години и не можам така да го однесам, па времето го поминува дома, вели еден загрижен родител. .

150

Децата со церебрална парализа, кои се корисници на дел од дневните центри низ Македонија, не можат да одат во центрите затоа што нема гориво за специјалните комбиња со кои се врши нивниот превоз!

Загрижени родители се јавија во редакцијата на Плусинфо, за да се пожалат за нивниот проблем што трае неколку месеци. Еден родител објасни дека неговото 26-годишно дете со церебрална парализа од јануари не оди во дневниот центар кој е сместен во рамките на основното училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец. Тој вели дека детето веќе 20 години го посетува овој центар.






– Пред короната одеше 5 пати неделно, а потоа ни намалија на 3 пати неделно, што не е доволно. Одеше со наменско комбе, кое беше на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Оттаму ни рекоа дека во јануари им завршил договорот со Министерството за социјални работи и дека министерството ги презело сите комбиња. И од јануари досега немаме превоз, односно, секој мора да се снаоѓа за да го однесе детето во дневниот центар. Некои родители сами ги носат децата со автомобили, но тоа се помали деца. Јас моето дете не можам да го однесам. И претодно имавме проблем со овие комбиња, беа нерегестрирани. Некако ги регистрираа како специјални, наменски возила и почнавме редовно да ги користиме, но сега има нов проблем со возилата и повторно сме без услугите на дневниот центар. Децата 90 отсто од времето го поминуваат дома – вели родителот.

Тој е загрижен затоа што, како што вели, им било соопштено дека уште најмалку еден месец ќе нема гориво за комбињата. Дневниот центар, објаснува, го користат 25 постојани корисници.

Родителот додава дека проблем им е и краткото време кое децата го поминуваат во дневните центри, а им било најавено дека дополнително ќе се скрати.

– Требаше да ги користиме услугите на дневниот центар од 8 до 16 часот, но ги користиме од 9 до 13 часот. Ни најавија дека ќе работат со скратено работно време, но што може повеќе да ни се скрати? И онака одевме само по 3 пати, наместо по 5 пати неделно – објаснува родителот.

Од Министерството за социјални работи, демографија и млади очекуваат проблемот наскоро да се надмине. Велат дека дневните центри имаат можност и сами да набавуваат гориво, а некои центри тоа и го сториле.

„Ве информираме дека независно од тоа што јавните набавки се централизираа, дневните центри ја имаат можноста да побараат согласност за набавка на гориво преку квартални набавки. Оние центри кои тоа го побараа, добија согласност за истото. Наскоро во системот за јавни набавки ќе се објави договорот за набавка на гориво, по што центрите ќе можат да започнат со набавка на истото“, велат од Министерството.

Во врска со сопственоста на комбињата, велат дека тие се во сопственост на самите дневни центри.

Оттаму не прецизираа во колку дневни центри за лица со посебни потреби низ Македонија го има овој проблем со ненабавено гориво за наменските возила.

„Истовремено, Ве информираме и дека Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува да се залага за непречено функционирање на сите институции од социјална заштита и за редовно испорачување на правата и услугите до граѓаните“, одговорија од ресорното министерство на прашањата од Плусинфо.

Поврзани содржини