На денешната седница Владата донесе одлука наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари.
Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.
Претходно, Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, препорача наставата во второто полугодие од учебната 2021/2022 година да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и во средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.
И претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, изјави дека оваа организација е охрабрен од препораката на Комисијата за заразни болести да се отворат училиштата за настава со физичко присуство од 1 февруари и повика на национална солидарност за безбедно продолжување на образованието со физичко присуство во текот на целата учебна година. Оваа организација смета дека секое продолжено затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе го продлабочи пропуштеното учење и ќе продолжи негативно да влијае врз емотивната благосостојба на децата.