ОПШТИНА ЦЕНТАР ПЛАНИРА ДА СПУШТИ РАМПА ЗА ВОЗИЛАТА ВО ДЕБАР МААЛО Пилот-проектот би траел 6 месеци, ако воопшто стаса да се реализира пред изборите
Општината ќе го достави проектот до Град Скопје, а потоа ќе биде проследен до СВР Скопје за конечна согласност. Доколку биде одобрен, пилот-проектот ќе стартува и ќе трае шест месеци. Во зависност од реакциите на граѓаните и ефектите од неговото спроведување, можно е тој да се продолжи на уште една година и да премине во трајно решение.
Дебар Маало, едно од најпрепознатливите и најдинамични маала во Скопје, наскоро би можело да стане тест-зона за нов сообраќаен режим кој треба да донесе повеќе ред, тишина и безбедност за жителите. Општина Центар подготви пилот-проект за ограничување на движењето на возилата во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите, како одговор на долгогодишните реакции од граѓаните кои живеат во овој дел на градот.
Општината ќе го достави проектот до Град Скопје, а потоа ќе биде проследен до СВР Скопје за конечна согласност. Доколку биде одобрен, пилот-проектот ќе стартува и ќе трае шест месеци. Во зависност од реакциите на граѓаните и ефектите од неговото спроведување, можно е тој да се продолжи на уште една година и да премине во трајно решение, кое ќе значи и постојано ограничување на сообраќајот во Дебар Маало.
– Со забрана за движење на возила ќе се зголеми пешачката безбедност, а луѓето ќе бидат охрабрени да се движат пеш или со алтернативни превозни средства, кои не прават бучава. Дебар Маало ќе стане една голема пешачка зона во која сите ќе можат да уживаат – без разлика дали одат на кафе, во ресторан или само на прошетка. Проектот го почнуваме поради постојаните барања на жителите на Дебар Маало. Наша цел е да овозможиме мирна и безбедна средина за живеење, без бучава, загадување и хаос од сообраќајот кој кулминира за време на викендите – велат од Општина Центар за Плусинфо.
Строго контролиран влез за викендите
Планот предвидува од петок во 18 часот до понеделник во 6 часот наутро, сообраќајот да биде строго контролиран, а влезот во зоната да биде дозволен само за жителите кои ќе имаат посебна дозвола. Сите останати возила ќе имаат право да влезат, но само доколку излезат од зоната во рок од 15 минути. Во спротивно, ќе следуваат казни. Се предвидува транзитно поминување, но не и долготрајно паркирање или престој.

– Планираме да го направиме Дебар Маало вистинска пешачка зона, каде што граѓаните ќе можат безбедно да се движат, а воздухот ќе биде почист. Угостителските објекти ќе функционираат, но нема веќе да има хаос од автомобили за време на викендите. Жителите ќе добијат бесплатен пристап, а за некои улици ќе се користи и мобилна апликација за отворање на рампите. Овој систем го развиваме во соработка со стручњаци. Општината има средства, поточно со ребалансот може да се обезбедат и проектот да се реализира. Но доколку добиеме дозвола некаде кон крајот на август, нема да можеме да го реализираме проектот бидејќи следат избори и законски не смееме да го реализираме – велат од Општината.
Ако се покаже функционален, ќе се прошири и во другите населби
Планирано е проектот да се спроведе во три фази. Во првата фаза ќе се воспостави затворен круг помеѓу улиците Орце Николов, Климент Охридски, Партизански одреди и 29 Ноември (кај Градежен факултет). Во овој дел ќе бидат поставени електронски контроли со рампи и безжичен систем на надзор, кој ќе го регулира влезот и излезот на возилата. Секое возило ќе има дозвола да влезе само еднаш, а пред повторен влез ќе мора претходно да ја напушти контролирана зона.
За улиците кои се слепи и не овозможуваат поставување рампи, ќе се воведе безжична контрола со мобилна апликација. Жителите ќе можат бесплатно да ја отворат рампата со повик до одреден телефонски број кој нема да им се наплатува, а кој ќе биде поврзан со регистарскиот број на нивното возило. Во истата фаза ќе биде дозволен пристап до паркинзите кај улиците Орце Николов, Аминта III, Ленинова и 29 Ноември, за да се овозможи нормално користење на јавниот паркинг за посетителите кои ќе имаат потреба да го паркираат своето возило во близина.
Ќе се воведат посебни правила и за дотурот на стока. Нема да биде дозволен влез на возила потешки од 3,5 тони, освен ако не се работи за посебно одобрени ситуации со дозвола издадена од Град Скопје кој ќе биде наутро од 7 до 9 часот. За да се олесни снаоѓањето, ќе биде поставена и соодветна физичка сигнализација на улиците Партизанска, Климент Охридски, Илинденска и Рузвелтова, со што ќе се информираат сите учесници во сообраќајот за новиот режим.
Во втората фаза, контролираниот сообраќаен режим ќе се прошири и ќе го опфати поширокиот дел на Дебар Маало, вклучително и улицата 29 Ноември, Рузвелтова, Орце Николов и Партизански одреди. Со оваа фаза се планира затворање на улицата 29 Ноември при што рампите од улиците Дебарска и Радњанска ќе се преместат на 29 Ноември. Со ова се зголемува затворениот круг, а се проширува кон 29 Ноември, Дане Крапчев и Ѓорѓија Пулевски, а на останатите пристапи ќе бидат поставени рампи со картички и со телефонски броеви.
Во третата фаза се планира да се вклучат и делови од таканареченото Дебар Маало 2 или делот околу Градскиот парк, односно улиците Наум Наумовски Борче, Јордан Хаџи Констатинов – Џинот и булеварот Свети Климент Охридски. Проширувањето на контролата ќе се реализира само доколку претходните фази покажат позитивни резултати и ќе биде проследено со нов траен сообраќаен режим изработен од стручните служби на Општина Центар. Во оваа фаза е предвидено формирање на два затворени система помеѓу Ленинова, Аминта III, Јордан Хаџи Констатинов – Џинот, Наум Наумовски Борче, Ристо Шишков, 8 Март, а другиот круг ќе биде помеѓу Ристо Шишков, Ленинова, Јордан Хаџи Констатинов – Џинот и Благоја Страчков. На претходно споменатите сообраќајници ќе бидат поставени рампи, а останатите ќе бидат со мобилен телефон.
– Ако видиме дека мерката е прифатена и дава резултати, ќе продолжиме со неа. Нашата намера не е да казнуваме, туку да создадеме нова, поквалитетна урбана култура во Центар – порачуваат од Општина Центар.
Од Општината додаваат дека доколку овој пилот проект се покаже како успешен во Дебар Маало, ваков режим на сообраќај би можел да се примени во Буњаковец, Капиштец и во сите други зони на нејзината територија.