Де(е)волуција
Таканареченото „македонско прашање“ и односот на регионот и ЕУ кон истото, но и нашиот државен „одговор“ на сите „тези“ и „теории“ што произлегоа од него, несомнено е типичен пример за неука, неспособна држава со катастрофално лоши политики.
Ако премиерот, министерот за надворешни, претседателот на државата, претседателот на Собранието…, а особено „нашиот“ вицепремиер за евроинтеграции, се тотални дилетанти за политичката историја и историјата per se, ако не знаат кога, каде и зошто започнал еден историски „проблем“ и како се развивал – или не се развивал, до извесен миг! – тогаш како мислат проблемот да го решат? Со магија? Ама не се ни маѓионичари, жив грев се! Ако во таа власт имате такви и слични министри и функционери речиси во сите области, како мислат да ја помрднат државава од мртвата точка? Или од губитничката „игра“?
Ако госпожата од Брисел куртоазно рекла нешто, како министерчено што милува да патува на туѓ трошок оцени дека сме „на вистинскиот пат“? Па нели, до вчера, вистинскиот пат им беше комплетно распуштање на постојниот судски апарат? Или, кога ги следат нивните „насоки“ – добри се?!
Секако дека се ова сериозни нешта, но не е работа на граѓаните да обвинуваат или ослободуваат од вина некого, туку е граѓанска должност да поставуваат прашања. Онакви какви што би требало да постави секој просечен поединец во оваа држава. Но проблемот е: зошто никој не ги поставува тие прашања, односно тоа го прават само неколкумина? Можеби утре ќе ги поставуваат Бугарите, оние двајца без тројца што ќе ги внесат во Уставот? И не им е грижа што вели академската заедница за тој „впрос“, дури ни претседателот на МАНУ? Па зошто им е тогаш МАНУ, зошто им се универзитети и институти, зошто не ги укинат и не ги превземат нивните работи во свои раце?
Таканареченото „македонско прашање“ и односот на регионот и ЕУ кон истото, но и нашиот државен „одговор“ на сите „тези“ и „теории“ што произлегоа од него, несомнено е типичен пример за неука, неспособна држава со катастрофално лоши политики. Особено во доменот на дипломатијата, почнувајќи уште од оној првион неук несреќник па до денес, вклучувајќи го тука особено и целиот актуелен државен врв последниве пет години и неговите страотни аналфабетски пелтечења во надворешната политика. Или, поконцизно речено, ние последниве петнаесет години сведочиме на неверојатна деволуција односно де-еволуција во државните политики, за разлика од соседските еволутивни чекори во сите сфери. Освен источниот сосед, кој страда од истата болест.
И тоа, се разбира, не е евидентно само во надворешната политика – денес можеби најактуелна заради целиот след на важни нешта за државата – туку во сите области, без исклучок: културата, образованието, здравството, науката, економијата…! Дали тоа денес, на дело, сведочиме на резултатите од процесот на негативната селекција, често спомнуван во изминатите децении но никогаш напуштен од политикантските елити? Веројатно, почнувајќи од „квалитетот“ на партиските лидери, премиерите, министрите, претседателите на државата во последниве петнаесетина години итн. Без огледе што тие милуваат себеси да се нарекуваат прогресивци, тие се вистинските носители на регресивните, де-еволутивните процеси во македонското општество.
Ако некогаш бевме зачудени, или збунети, од глупостите на еден Борис Трајковски или Ѓорге Иванов, денес сме не само запрепастени туку безмалу шокирани од однесувањето на актуелниот претседател на државата. Ако само до пред пет години со неверување гледавме на некапацитетноста на оној криминалецон во Будимпешта, што треба да кажеме денес, после Заев&компани? И не се тоа само гафови или лапсуси, не е тоа само некакво неискуство или непознавања во одредена област, туку говориме за тотални незнаења/промашувања во највитални државни сфери, од надворешната политика до економијата, од културата до образованието итн.!
А дека тоа не е „болест“ само на политиката сведочи и македонскиот „бизнис“ сектор, единствен на којшто му е смешен – извинете, смешен?! – повикот на бугарската Фондација Македонија за „купување на македонската економија“. Па Кина го купи половина свет, другата половина е на Саудиска Арабија. Ама никој не се смееше, напротив!
Зашто, вистинската капацитетност на една политичка гарнитура се гледа токму во вакви времиња и на вакви проблеми. И ние токму тоа и го гледаме: хаос, незнаење, неснаоѓање, аматеризам/дилетантизам, неспособност… Сето тоа, впрочем го видовме и во времето на двегодишната пандемија – тотална дисфункционалност на сите рамништа! Но и тогаш се правевме дека не гледаме, и тогаш се криевме зад „светските процеси“. Како што се правиме дека и сега не разбираме што ни се случува. Не сите, додуша, но едно големо мнозинство коешто буквално се однесува како да има резервна татковина!
Фактот што мнозинството паѓа на лаги од типот дека ова ќе биде најтешката зима/година од 1945 наваму само говори за една малоумна флуктуирачка маса на која што ѝ е тешко дури и да размислува. Зашто, да кажеш, а особено и да поверуваш во една таква глупост говори токму за неверојатен деволутивен процес што го зафатил целото општество. Но говори и за фрапантен манипулативен обид да се затскрие актуелната неспособност со некакви „историски репери“, неспоредливи за еден логичен ум. Но, кај нас и тоа поминува.
Иако, факт е дека ќе биде сѐ потешко и потешко, дека не само рецесијата туку регресијата во секој поглед ќе ја доуништи државата. Особено во поглед на разрешувањето на источниот спор, и по него. Неспособните актуелни политикантски гарнитури скандалозно регресираат во однос на дометите на македонската надворешна политика – а особено по прашањето на односите со Бугарија – во времето на еден Крсте Црвенковски, Апостолски, Милосавлевски, па и Колишевски, ако сакате. Па и во времето на Глигоров, се разбира. Секако, друг бил историскиот контекст и околностите, Македонија била дел од една поголема и посилна држава…, но постои ли навистина „историски контекст“ како алиби за одбрана на виталните, судбинските прашања за една држава? Или сепак станува збор за – деволуција?
Зашто, да беше проблемот само во надворешната политика на државата, па и само во процесот на евроинтеграциите, а во сите други области да ни цветаа рози, ќе можевме со мирна душа да кажеме дека, едноставно, станува збор за неспособна „млада“ дипломатија. Ама кога амбисот е видлив во сите области, кога целата држава е зафатена од тој страшен процес на де-еволуција, на враќање назад, на погубно „неснаоѓање“ во државните работи но со хипертрофирана амбиција и желба за моќ, тогаш ја имате денешна Северна Македонија како нагледен примерок.
Извор: Теодосиевски уметност