ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ СО ПРЕМИЕРА ВО ЈУЖНА КОРЕЈА „Приказната на Електра“ оживеа на сцената во Инчеон

Иако сцената беше азиска, авторскиот тим зад претставата е претежно македонски. Сашо Димоски е автор на текстот и драматург, музиката ја потпишува Сашко Костов, сценографијата и видеодизајнот се дело на Сергеј Светозарев, а костимите ги изработи Раде Василев.

138

На 26 јули, во рамки на програмата на Националниот театарски фестивал во Инчеон, Јужна Кореја, премиерно беше изведена претставата „Приказната на Електра“, во режија на македонскиот театарски режисер Дејан Пројковски и по текст на Сашо Димоски.

Претставата нуди современо читање на античкиот мит за Електра, при што се издвојува по употребата на јазикот на телото, минималистички дијалози и силна визуелна естетика. Овој пристап создава сценски израз што се разбира без превод – универзален и емоционално силен.






– Работата со корејски уметници беше вистински предизвик, не само поради јазичната бариера, туку и поради нивниот прецизен и визуелно рафиниран пристап кон театарот. Но, токму затоа, кога ќе успееш да се разбереш без зборови, сфаќаш дека темите што ги носи оваа претстава се навистина универзални – изјави Пројковски.

Проектот е резултат на меѓународна соработка помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја, Националниот театарски фестивал во Инчеон и македонската театарска лабораторија „Артема“. Сите улоги ги толкуваат актери од Јужна Кореја, избрани преку национален кастинг.

Иако сцената беше азиска, авторскиот тим зад претставата е претежно македонски. Сашо Димоски е автор на текстот и драматург, музиката ја потпишува Сашко Костов, сценографијата и видеодизајнот се дело на Сергеј Светозарев, а костимите ги изработи Раде Василев.

По јужнокорејската премиера, „Приказната на Електра“ ќе биде изведена и во Македонија, каде што ќе го затвори годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“ на 20 август.

Поврзани содржини