Обвинението против Мијалков, освен што нема правна логика нема ни човечка логика, изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, по завршувањето на првото рочиште за судскиот процес „Плацеви на Водно“ во кој првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.
Даидовиќ се пожали дека обвинителството, не ѝ ги доставило доказите на одбраната и дека овој начин на работење трае со години.
– Обвинителството да не ѝ ги даде доказите на одбраната и да ескивира е неприфатливo – изјави Давидовиќ.
Тој на новинарско прашање го коментираше и обвинителниот акт чиј застапник е обвинителката Лиле Стефанова:
– Онака како што е напишано обвинението воопшто не соодвествува на законското битие на делото перење пари. Покрај тоа што нема правна логика, нема ни човечка логика, затоа што на еден министер за финансии, на премиер кој беше 10 години, навистина не му е потребен никој кој ќе му обезбеди офшор компанија, а обвинителката сама во воведниот говор си скока во уста и вика дека веќе знаел дека имало офшор компании, па капиталот го вложувал. Така што, обвинението е буквално исконструирано по мојот клиент – изјави Давидовиќ.
Во овој судски предмет поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривичното дело ,,перење пари и други приноси од казниво дело“.