Ѝ ДАВААТ ЃАВОЛСКИ СОВЕТИ НА УКРАИНА, СО КОЕ ПРАВО? Милановиќ удри по европските кочничари на планот на Трамп
Од каде ми е правото да му советувам некому: не се согласувај со тоа, значи, продолжи да умираш. Луѓето умираат и територија се губи, запраша хрватскиот претседател коментирајќи ги европските лидери кои ја советуваат Украина да не го прифати нацрт-мирот на американскиот претседател.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро ги осуди западните лидери поради советите до Украина да не го прифати мировниот план предложен од американскиот претседател Доналд Трамп и Русија. Тој изјави дека таквата позиција е „ѓаволска, сатанистичка, да не кажам неморална“, бидејќи, како што рече, тоа значи да се охрабрува продолжување на смртта и разурнувањето, јави порталот Индекс.
– Дали тоа е нивно население? Дали некој има земно и божјо право да ја донесе оваа одлука без Украинците? Од каде ми е правото да му советувам некому: не се согласувај со тоа, значи, продолжи да умираш. Луѓето умираат и територија се губи – запраша Милановиќ на изложбата „Череп C – светско палеоантрополошко наследство“ во Хрватскиот природонаучен музеј.
Меѓутоа, францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека планот на Трамп „оди во вистинска насока“, но треба да се подобри за да биде прифатлив за Украина и Европа. Првичната верзија на документот предизвика отпор кај Киев и неговите сојузници – Париз, Лондон, Берлин и Рим – кои се собраа во Женева за да спречат мировен договор што би изгледал како капитулација.
Милановиќ истакна дека повеќето европски лидери кои зборуваат за конфликтот немаат реално влијание, „но тоа не ги спречува да создадат некаква форма на хаос“. Според него, војната во Украина е посредничка војна меѓу Вашингтон и Москва и ќе заврши само со директен договор меѓу нив.
Тој предупреди дека НАТО со години се шири „на прилично арогантен начин“, додека Русија, како што рече, „е опасна сила што постојано предупредува“. Милановиќ потсети дека украинскиот претседател Володимир Зеленски уште во 2022 година во Истанбул и претходно во Минск сакал да постигне договор со Русија, „а тоа било спречено од агенти на хаосот“.
– Импулсите на украинското раководство беа точни. Но, тие беа охрабрувани да се борат и уверувани дека ќе имаат поддршка колку што треба, сè додека не се предомислат – нагласи хрватскиот претседател.
На новинарско прашање дали Русија би се охрабрила со мировниот договор, Милановиќ рече дека Москва „нема сила за ништо повеќе од ова“.
– Еден ден слушаме дека Русија е бензинска пумпа со нуклеарно оружје, а следниот дека е толку опасна што Германците треба да се вооружуваат. Што е вистина? – праша Милановиќ, додавајќи дека ги разбира стравовите на Полска и балтичките држави, но „не и на некои други земји“.