📷 ДАНСКА ДОБИВА НОВ КРАЛ, КОЛОРИТНИОТ ФРЕДЕРИК X. Некогаш бунтовниот рокер и авантурист дипломирал политички науки на Харвард
Осамен и несреќен како тинејџер, Фредерик барал утеха во брзи автомобили и жесток начин на живот, а во раните деведесетти важеше за размазен принц кој сакаше само да се забавува. Јавноста почна да го сфаќа сериозно откако дипломираше на Универзитетот Архус, а потоа и на Харвард.
Данската кралица Маргарета Втора, најдолговечниот монарх во Европа, ќе абдицира денеска на свечена церемонија и ќе му ја предаде круната на својот син Фредерик, точно 52 години откако таа самата беше крунисана.
Маргарета (83) ја најави абдицијата во својот новогодишен говор и ја закажа за 14 јануари, датумот кога таа самата ја презеде круната по смртта на нејзиниот татко во 1972 година.
Во Данска во последните 900 години ниту еден монарх доброволно не се откажал од круната.
Во јавноста сепак се шпекулираше за можноста за ваков потег поради нејзиното нарушено здравје. Таа беше подложена на тешка операција на грбот минатата година и дури во април се врати на јавните должности.
Популарната кралица важи за многу образована личност, студирала на Кембриџ, Универзитетот Архус и Сорбона и течно зборува француски, англиски, шведски и германски јазик. Заедно со нејзината државничка способност, таа беше почитувана и поради нејзината смисла за хумор. Таа е страствен пушач и често е видена со цигара во раката.
Нејзиниот син Фредерик (55), чие полно име е Фредерик Андре Хенрик Кристијан, исто така е популарен меѓу Данците. Омилен е поради блискоста со народот, спортскиот дух, но и љубовта кон рок музиката. Дипломирал политички науки на Универзитетот во Архус, а извесно време студирал и на Харвард, пренесоа агенциите.
Меѓу другото, како млад истрчал маратон во респектабилно време од три часа и 23 минути, поминал тешка обука за борбено пливање во војска и учествувал во експедиција со санки долга 2.800 километри на Гренланд, кој заедно со Фарските Острови, е автономен регион во состав на данската круна.
Осамен и несреќен како тинејџер, Фредерик им замерувал на своите родители затоа што го занемарувале при извршувањето на кралските должности. Утеха барал во брзи автомобили и жесток начин на живот, а во раните деведесетти важеше за размазен принц кој сакаше само да се забавува.
Јавноста почна да го сфаќа посериозно откако дипломираше на Универзитетот Архус во 1995 година. Тој е првиот член на данското кралско семејство кој го завршил факултетот. Дел од студентските денови минал и на Харвард во САД, каде се запишал под псевдонимот Фредерик Хенриксен.

Некогаш бунтовен тинејџер, поборник за еколошки прашања, а сега угледен семеен човек, данскиот престолонаследник Фредерик, соодветно ја олицетворува данската опуштена либерална монархија.
Уживајќи ја поддршката на повеќе од 80 проценти од Данците според неодамнешната анкета, принцот денеска ќе стане крал Фредерик X откако неговата мајка ќе ја потпише абдикацијата. „Ќе те следам, како што го следеше татко ти во водење на институција стара илјада години“, однапред вети принцот Фредерик.
Тоа ветување дојде со зрелоста далеку од неговите младешки лудории.
– Не може да се каже дека беше бунтовник, но како дете и млад човек не се справуваше добро со медиумското внимание и сознанието дека ќе биде крал. Дури во средината на неговите дваесетти тој стекна доверба – рече Гите Редер, експерт за данското кралско семејство.