ДАНОКОТ НА ИМОТ ВО ЕУ СЕ ДВИЖИ ОД 0,3 ДО 3,7% Еве каде граѓаните плаќаат најмногу, а каде најмалку
Проселна стапка на данок на имот во Европската Унија е 1,9%.
Даноците на имот во Европа се интересни не само поради нивните ефекти врз државните буџети, туку и поради нивното влијание врз пазарот на недвижнини. Додека во некои земји тие претставуваат клучен извор на приход, во други се собираат минимално, пишува „Еуроњуз“.
Според податоците од Европската комисија за 2023 година, учеството на данокот на имот во БДП варира од само 0,3% во Чешка и во Естонија до дури 3,7 % во Франција.
Просекот на Европската Унија е 1,9%.
Ако податоците се вклучат и земјите од ЕФТА, Обединетото Кралство и Турција сликата не се менува многу. Велика Британија е рамо до рамо со Франција на врвот, исто така со учество од 3,7%, Белгија е трета со 3,2%, додека Шпанија е петта со 2,5%, по неа доаѓа Грција со 2,7%.
Други земји со удел над 2% се Исланд, Луксембург, Данска, Швајцарија, Италија и Португалија.
Данокот на имот учествува со помалку од 1% од БДП во речиси половина од 32-те земји на листата. Тој е особено низок во Словачка, Литванија, Естонија и Чешка, сите под 0,5%.
Во апсолутна смисла, најголемите даночни приходи доаѓаат во Велика Британија – дури 115 милијарди евра во 2023 година. Франција е многу блиску со 104,5 милијарди евра, трета најголема е Италија со 45,3 милијарди, по што следат Германија (41,4 милијарди) и Шпанија (36,8 милијарди). Белгија од овој данок има приход од 18,8 милијарди евра, Швајцарија (17,9 милијарди евра), Холандија (14,4 милијарди евра) и Полска (10,7 милијарди евра).
На ниво на Унијата, данокот на недвижности во 2023 година донесе вкупно 318,8 милијарди евра приходи.