ДАНЕЛА ТРЕБА ДА СНОСИ ОДГОВОРНОСТ Славески ја обвини Арсовска дека не ги почитува законските рамки за буџет
Арсовска повторно криејќи се зад псевдонимот „град Скопје“, во соопштение истура куп лаги и гадости за што најмалку што може да направи е јавно да му се извини на господинот Кирков“, вели претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Градоначалникот Данела Арсовска деновиве ја пее својата „лебедова песна“. На аргументираните ставови изнесени на прес-конференција од страна на членот на Совет, Стефан Кирков од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таа повторно криејќи се зад псевдонимот „град Скопје“, во соопштение истура куп лаги и гадости за што најмалку што може да направи е јавно да му се извини на господинот Кирков“, вели претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Тој појасни дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ преку советникот Кирков ја извести јавноста за непочитување на законски и други прописи кои се однесуваат на процедурата за носење буџет на Град Скопје. Имено, Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа во член 27, ставовите 4 и 5, ја пропишува процедурата за носење буџет на општина, а со тоа и на град Скопје.
– Таму е пропишано дека градоначалникот доставува предлог-буџет за наредната година до советот во рок утврден со буџетски календар. Совет на град Скопје во март оваа година има донесено Буџетски календар за 2024 година, објавен во Службен гласник на град Скопје (види прилог) каде е предвидена обврска на градоначалникот Арсовска предлог-Буџет за 2025 година до Совет да достави најдоцна до 10 декември, а не како што манипулативно се наведува во соопштението, седум дена пред расправата за буџет во Совет на град Скопје – вели Славески.
Тој додава дека дополнително, според буџетскиот календар најдоцна до 20 октомври 2024 година до Совет на град Скопје требало да се достават за одобрување предлог-Програми за развој, кои Советот требало да ги одобри најдоцна до 15 ноември, по што тие стануваат составен дел на буџетот. До ден-денес градоначалничката Арсовска нема до Совет доставено предлог – Програми за развој.
– На крај, спротивно на воспоставената практика (и потреба) во град Скопје во минатото и во општините ширум Република Македонија, членовите на Совет до овој момент, со исклучок веројатно на неколку приврзоци на Арсовска, не биле воопшто информирани за било што и не биле вклучени во ниту една фаза во подготовката на буџетот на град Скопје за наредната година – наведува Славески.
Според него, Арсовска треба да сноси одговорност за ваквото несовесно и неодговорно работење кое може да предизвика целосна блокада во функционирањето на градот.
– Не сакам да верувам дека можеби постои токму таква намера! – заклучува Славески.