ДАНЕЛА САКА ДА БРКНЕ СО РАЧЕТО ВО НАШИОТ МЕД! Приватните превозници тврдат дека некој ги истиснува од лични интереси
Имаме неофицијални информации дека сакаат нас да нè елеминираат од јавниот превоз за некој друг да го преземе односно некоја мултинационална компанија или фирма од соседството. Се спремаат за дебели провизии нас да нè исфрлат, рачето во медот, тоа сега е актуелно да се каже – рече Муриќ од „Слобода превоз“.
Приватните превозници „Слобода превоз” и „Макекспрес” денеска протестираа пред Градот Скопје и бараа средба со градоначалничката на Градот, Данела Арсовска. Целта е како што велат, да постигнат договор за исплата на заостанатата плата. Претставникот на „Слобода превоз”, Кемал Муриќ изјави дека на овој начин сакаат да го искажат незадоволството од состојбата во која се наоѓаат сега, предизвикана од огромниот долг кој што Јавното сообраќајно претпријатие не им го плаќа.
– Јас сум уверен дека следува колапс на јавниот превоз. Имаме неофицијални информации дека се работи за некоја игра, прво сакаат нас да нè елеминираат од јавниот превоз за некој друг да го преземе односно некоја мултинационална компанија или фирма од соседството. Што ќе се случи тогаш, не смеам ни да помислам. Се спремаат за дебели провизии нас да нè исфрлат, рачето во медот, тоа сега е актуелно да се каже. Памтете ми го зборат, тогаш ќе му дадат и три евра за километар, само некој да си ја заврши работата, да се нафатира убаво и да има мирна пензија“, рече Кемал Муриќ, раководител сектор сообраќај и контола во „Слобода превоз“, кој 32 години како приватен превозник е дел од јавниот превоз.
Возачите од двата приватни превозници „Слободна превоз“ и „Макекспрес“ побараа итна средба со градоначалничката Арсовска оти сметаат дека е погрешно информирана.
– Доведени сме до глад, ни чукаат извршители оти сме задолжени за набавката на нафта. Долгот е 1,5 милиони евра. Ние сме 221 автобус, тоа е 221 семејство оставено без плата. Нема да прифатиме дека е наша вина ако се раскине договорот. Ќе следат правни постапки, а доколку до петок не ни се пуштат пари, ќе протестираме со блокирање на улици – рече Муриќ.
Приватните превозници веќе трет ден не возат на линиите што ги имаат под концесија од ЈСП, но за кои не им се исплатени договорените надоместоци.