ДАНЕЛА НЕМА ДА ДОЗВОЛЕЛА НЕКОЈ ДА ГО ПАРАЛИЗИРА СКОПЈЕ?! До 8 ноември до денар му е исплатено на Ленин
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во интервју за „360 степени“, вината за сообраќајната парализа од изминатите денови ја лоцира кај „Слобода превоз“ зашто, како што рече, сите пари ЈСП ги исплаќало кон ова правно лице со кое имало склучен договор.
Зошто превозниците се жалеа дека пари не виделе, Арсовска ги упати на адреса на „Слобода превоз“ и рече дека за несериозни ги смета тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека од јавниот превоз во Скопје ги истиснува „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ за бизнисот да го преземе бугарска фирма.
На прашањето на ВМРО-ДПМНЕ, зошто повикот за пријавување приватни превозници трае пет недели ако не е точно дека бугарска фирма треба да влезе во играта, Арсовска рече дека тоа е така затоа што сака да дозволи на сите оние кои сакаат да се пријават да имаат време да се подготват и да ги соберат сите потребни документи.
– За 30 дена сите ќе знаат кој лаже, кој излегува на прес-конференции и кажува невистини. Сметам дека на јавноста и сега и е јасно, но, знаете, за политиканство на некои луѓе никогаш нема да им биде доволно – вели градоначалничката.
Таа рече дека сите приватни превозници се ставени во ситуација во која никој не требало да ги стави и оцени дека тоа е егзибиција на политиканство – се злоупотребува правото на протест, се злоупотребуваат тие луѓе што работат и се борат за леб…
– Го поддржувам правото на протесте, но граѓаните не се должни да го трпат ова што се случува и сега ги гледате истите личности што ги иницираа овие протести, кои доведоа до раскинување на договорот со Град Скопје зашто прекинаа да ги извршуваат услугите повеќе од два дена… Договорот е јасен, тој се раскинува по автоматизам ако прекинат да возат повеќе од два дена. Приватните превозници беа изманипулирани – Арсовска.
На прашањето, должи ли и колку должи ЈСП на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, градоначалничката одговори:
– Јас на телевизија видов луѓе што изјавија дека по неколку месеци не им е исплаќано. Граѓаните треба да знаат дека Град Скопје има договор само со едно правно лице и нему континуирано му се исплаќа, а еве ги секојдневните исплати. Е сега како, колку и дали тоа правно лице исплаќало, ние не знаеме. До 8 ноември, додека не почнаа овие протести и блокади, ЈСП редовно си исплаќаше до „Слобода превоз“. Ние знаеме колку средства се исплатени и инстуциите си имаат начин да постапат и да се види која е вистината. Оној што ја направи целата збрка реши да се повлече, да се изолира и тоа доволно кажува. Ниту еден од овие луѓе кои велат дека сакаат чесно да си го заработат лебот нема да дозволиме да останат на улица. Но, некој да манипулира, да тера политика преку нив и да се обидува да го парализира градот, тоа нема да го дозволиме, особено не со закани и со уцени – порача Арсовска.
Градоначалничката вели дека ќе ги исполни предизборните ветувања за бесплатен јавен превоз „кога ќе се надмине кризата“.
За најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека преку грантови ќе се набават еколошки автобуси, Арсовска порача:
Прашајте го Мицкоски. Не видовме никакви грантови или проект.