ДАНЕЛА МУ НАРЕДИ НА „КОМУНАЛЕЦ“ – „НЕ СОБИРАЈТЕ НИЕДНА КАНТА СО ЃУБРЕ ОД ШУТКА!“ Арсовска ќе одговара за повеќе од 1.000 кривични пријави од граѓаните, тврди Дудуш
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, тврди дека тој морал да го тргне срамот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, од улиците на неговата општина и да го складира на неговото приватно земјиште, свесен дека за тоа ќе трпи лична штета. Тој дополнува дека сите медиуми, кои работат на истражувачко новинарство, може да направат анализи за тоа колку акции за собирање диви депонии во општина Шуто Оризари направила Арсовска во изминатите години. Таа направила 0 акции, тврди Дудуш.
„По повод изјавите на Данела и на Град Скопје дека против мене се поднесени 40 кривични пријави за разни злоупотреби и дека денес од нејзина страна се пуштени дополнителни 7 кривични пријави, сакам да ја информирам јавноста за следново: Најпрвин за пријавите кои ги споменува Данела, дежаву е веќе да ги користи истите изјави за сите кои „ќе ѝ застанат на патот, нека биде малку покреативна во своите нискобуџетни изјави и нека внимава со какви спектакуларни бројки и изјави се појавува во јавност бидејќи ќе одговара за навреда и за нарушување углед и чест доколку не се извини. За моето 7-годишно работење како градоначалник, за мојата работа, немам ниту една кривична постапка!“
Ова се наведува во писмената изјава на градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш, за обвинувањата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека против него се поднесени кривични пријави за разни злоупотреби на власта.
„За дополнителните 7 кривични пријави, поради одлагање на отпад на мојот приватен имот, фактура ќе добие лично таа бидејќи со месеци ѝ го покривам срамот и се обидувам нејзиното неработење да не влијае во креирањето слика дека нашата општина е препознатлива по депонии. Напротив, во време кога Шуто Оризари интензивно се модернизира, урбанизира и се развива, најмалку што можам да направам е нејзиниот срам да го тргнам од улиците на мојата општина и да го складирам на приватно земјиште, свесен дека за тоа ќе трпам лична штета – уништување на мој приватен имот. Јас не сум ниту производител на ѓубре ниту, пак, имам материјална корист од прибирање на ѓубре!“, се додава во изјавата на Дудуш.
Отпадот, кој со месеци тлее низ улиците на Шуто Оризари, без многу стручни анализи на лабаратории, се наведува во писмената изјава, јасно може да се види дека е комунален отпад, односно остатоци од храна и од секојдневен отпад кои ги произведуваат домаќинствата.
„Е сега, многу логично, зошто кој било граѓанин да го истури своето ѓубре на улица доколку Комунална Хигиена, која е под дирегентска палка на Данела редовно, како што е теоретски по план, двапати неделно ги собира кантите од домаќинствата? Одговорот на ова обично прашање го дава виновникот за оваа ситуација во која секојдневно живеат моите сограѓани! Данела, како резултат на инаетот, кој ѝ се јави по организираниот протест. даде јасни инстирукции на ЈП Комунална хигиена – Нема да се собира ниту една канта од Шуто Оризари! Сите медиуми, кои работат на истражувачко новинарство, може да направат анализа колку акции направила Данела за собирање диви депонии во општина Шуто Оризари во изминатите години. Нула!“, обвинува Дудуш во својата писмена изјава.
Споредено со тоа што го промовира дека го работи во другите општини, јасно, без многу филозофии, може да се види системската дискриминација која ја врши врз нашата општина, се потенцира во писмената изјава на градоначалникот на Шуто Оризари.
„Иако можам да кажам дека далеку од чисти се и другите градски општини. Како што жалам за граѓаните на општина Шуто Оризари, жал ми е и за граѓаните на општина Центар, Аеродром, Ѓорче, Чаир, Кисела Вода, Карпош и за сите други кои се жртви на нарцисоидноста на Данела. За своето неработење, за своето инаетење, пренесено во забрани за испорака на услуги на нејзините претпријатија, Данела ќе одговара. Ќе одговара за над 1.000 кривични пријави, кои ќе бидат лично пуштени од граѓаните кои плаќаат сметки редовно секој месец.
Јас, како градоначалник, како што сум доследен секогаш во испорачување на услугите кои се во моја надлежност, ќе бидам и подржувач на граѓаните во барања за испорачување на сите услуги кои им следуваат од која било институција!