ДАНЕЛА, КОЈ Е АРКАН КЕРИМ – ПРАШАЊЕ ОД 160 МИЛИОНИ ЕВРА Арсовска фрли дрвја и камења по Мицкоски и побара тој да даде оставка (ВИДЕО)

Откако му се обрати со жестоки зборови Арсовска побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да поднесе оставка од раководството на партијата.

15,464

„Каде е шпицниот градоначалник Мицкоски“, „Немој да се криеш“, „Немој да се закануваш“ му се обрати денеска на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски од говорницата во Градот, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и побара тој да поднесе оставка од раководството на партијата.

Расправата почна откако советникот Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за советнички прашања во Советот на Град Скопје ја обвини Арсовска за компромитација на проектот за изградба на пречистителната станица во Скопје, проект тежок 160 милиони евра.






– Како што кажа Златко Перински, директорот на „Водовод и канализација“, кој што беше разрешен, тој е жртва на притисок од градоначалничката Арсовска која побарала смена на Комисијата за евалуација на понудите за овој проект. Дека овие тврдења имаат поткрепа тоа е и дописот кој што го држам во рака, и каде што со потпис на Данела Арсовска се бара смена на членовите на Комисијата. Овој допис е испратен на 25.07.2022 година односно пред повеќе од месец и половина, и ако се точни тврдењата дека Перински е тој кој вршел притисок и влијание врз процесот и демонстрирал самоволие како што кажа градоначалничката, тогаш овој документ кој што го држам во рака потврдува дека Вие сте знаеле за тоа, а не сте ги известиле надлежните институции повеќе од месец и половина. Останува неодговорено прашањето зошто сте чекале месец и половина и зошто и покрај јасното тврдење на Европската инвестициона банка која што одговорила негативно за разрешување на членовите, Вие тоа сте го барале – ја праша Галески градоначалничката Арсовска.

Тој рече дека е загрозен проект за кој што Европската инвестициона банка определила огромна сума пари.

– Значи демантот на Арсовска не е само од Перински, не е само од ВМРО-ДПМНЕ туку и од ЕИБ. А, она што исто така привлекува внимание е тоа што градоначалничката во светот на медиумите важи за доста прилично затворена, жена која што има слаба комуникација со новинарите, но затоа истиот ден кога се отвораа понудите во „Водовод и канализација“ , таа имаше мотив да упадне на прес конференцијата. Можеби мотивот зошто тоа направивте лежи во овој лик тука, овој човек се вика Аркан Керим и јавно ја прашувам градоначалничката дали го познава ова лице и дали ова лице има поврзаност со турската компанија со која што медиумите не знам од каде дознале дека е учесник на тендерот 160 милиони евра – ја праша Галески Арсовска.

Тој додаде дека во јавноста излезе дека понудата на турската компанија била 20 милиони евра пониска од останатите.

– Навистина е симптоматично од каде се таквите информации кога понудите сѐ уште не биле отворени. Дали заради ова требаше промена на членовите на Комисија за евалуација? И факт е дека уште двајца други директори си поднесоа оставки – рече Галевски и предупреди дека лицата Ѓорѓи Грковски и Филип Силјановски од Архивата на Градот треба да знаат дека антидатирањето на документи е кривично дело.

Арсовска која задоцни на денешната седница наместо во првиот ред, каде што има почесно место како градоначалничка, седна во последниот ред, кај техничката служба.

По настапот на Галески, Арсовска излезе на говорницата од каде упати остри зборови против ВМРО-ДПМНЕ и пред сè, партискиот лидер Мицкоски.

– Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие – рече Арсовска.

Таа го праша Галески како до вчера за нив била најдобар градоначалник на Скопје, но сега веќе не е.

– Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега одеднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но јас како што гледаш, не ми трепери гласот, и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер – рече таа.

Арсовска побара оставка од Мицкоски и лично го прозва.

– На шпицниот градоначалник да му кажам нешто: Мицкоски да не се крие, да се бореше со власта, да се бореше против спорните договори како што се бори овие 3-4 дена со мене ќе ја спасеше Македонија. Сите знаат дека е така – му порача Арсовска на Мицкоски и побара тој да поднесе оставка од лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

– Гледам што зборува шпицниот за оставките, ако сака да зборува за оставки, Мицкоски треба да си почне од себе – додаде Арсовска.

Додека таа зборуваше неколку пати се исклучуваше микрофонот, а претседателот на Советот, Трајко Славески ја прекина велејќи дека ќе даде пауза за да се договорат за форматот на давањето одговори на советничките прашања.

– Форматот на одговорите е немој да се закануваш Мицкоски, немој да се криеш – возврати Арсовска и си замина од седницата.

– Жалам што си замина и што јавноста имаше прилика да види една голема омраза, неконтролирано однесување кое скопјани не го заслужуваат. Не можам да бидам задоволен од одговорите бидејќи не добив одговор на ниту едно прашање – рече советникот Галески.

Следуваше уште една пауза, но градоначалничката не се врати. Советничките прашања се во тек.

Пред Галески, зборуваше советникот од СДСМ, Гордан Шутаров.

– Има една песна од Игор Џамбазов која вели каква е оваа ситуација? Што се случи другари? За милионски провизии ли го правите овој циркус? Замислете најбогатата партија во Европа се скара за милионски провизии. Па вие многу ниско сте паднале. Која е оваа фарса, иронија и перверзија која ја правите? Одржавме 16 седници на Советот на град Скопје каде се отепавте од фалење со проекти како имаме добар градоначалник, како градоначалничката со директорите, кои самата ги величеше, работат добро, самите вие ја величевте градоначалничката, за сега да ве гледам по телевизии како градоначалничката ништо не работела, како немала ниту еден спроведен проект – рече Шутаров.

Поврзани содржини