„ДАНЕЛА Е КУМА НА ХАОСОТ ВО СКОПЈЕ“ Кирков вели дека Арсовска го загрозува функционирањето на градот

Според Кирков, доколку буџетот не биде донесен, Град Скопје ќе се соочи со целосна блокада. Ова, тврди, ќе ги погоди сите клучни јавни претпријатија како ЈСП, Водовод и канализација, Комунална хигиена, Градски паркинг, Паркови и зеленило и Улици и патишта, што ќе доведе до целосен застој на услугите што им се неопходни на граѓаните.

1,178

Данела Арсовска продолжува да предизвикува остри реакции поради, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, неодговорното однесување и слабото менаџирање на Град Скопје. Како што вели советникот Стефан Кирков, градоначалничката не го поднела предлог-буџетот за 2025 година во законски утврдениот рок до 10 декември, што претставува преседан во историјата на градот и сериозен ризик за неговото функционирање.

– Арсовска е кума на хаосот во градот Скопје. Нејзината неодговорност и пропустите во менаџирањето повторно излегуваат на виделина. Граѓаните на Скопје не заслужуваат да бидат заложници на нејзината неспособност и коалицијата СДС-ДУИ-Левица – изјави советникот Кирков.






Според него, доколку буџетот не биде донесен, Град Скопје ќе се соочи со целосна блокада. Ова, тврди, ќе ги погоди сите клучни јавни претпријатија како ЈСП, Водовод и канализација, Комунална хигиена, Градски паркинг, Паркови и зеленило и Улици и патишта, што ќе доведе до целосен застој на услугите што им се неопходни на граѓаните.

– За споредба, градоначалникот има обврска да го достави предлог-буџетот најдоцна до 10 декември. Овој рок е јасно дефиниран во законот и неговото игнорирање значи директно загрозување на нормалното функционирање на градот. Факт е дека тој рок е истечен, а Данела Арсовска сеуште спие – вели Кирков.

Тој тврди дека Арсовска наместо да се фокусира на решавање на проблемите, продолжува со обвинувања кон други лица и институции. Според него, ова однесување е несоодветно за позицијата што ја има и нанесува сериозна штета на градот.

– Градоначалничката се занимава со сѐ и сешто освен со нејзината вистинска работа. Наместо решенија, добиваме изговори и обвинувања – додава советникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Во име на советничката група, Кирков упати повик до градоначалничката веднаш да се освести и да преземе мерки за надминување на ситуацијата. Тој предупреди дека штетите од неусвојувањето на буџетот ќе ги трпат сите граѓани на Скопје.

– Град Скопје и неговите граѓани не заслужуваат да бидат жртви на ова неодговорно однесување. Арсовска мора да го преземе товарот на својата функција и веднаш да го поднесе предлог-буџетот – рече Кирков.

Поврзани содржини