ДАНЕЛА АРСОВСКА ЌЕ БИДЕ НОСИТЕЛ НА ЛИСТА ВО „ЕДИНИЦАТА“ Нова алтернатива уште не решила за претседателски кандидат
Нова алтернарива ќе оди со свои листи во сите шест изборни единици, а кој ќе биде кандидат за претседател ќе кажат партиските органи – рече претседателката на партијата и градоначалничка.
Нова алтернатива функционира и се консолидира, а носителите на изборните единици ќе ги објавиме наскоро. Засега се состануваме и разговараме за најгорливите прашања што ги засегаат граѓаните. Од тоа што разговараме со граѓаните гледаме дека се разочарани од ова што се случува во последните триесет години – изјави претседателката на партија и градоначалничка на Скопје Данела Арсовска за ТВ 24.
– Ние не правиме анкети, ги слушаме граѓаните надвор. Тоа е најискрено и најчесно и се добива вистинско сознание за состојбата. Тоа го знаеме и од тоа што отворивме телефонски број за граѓаните за поплаки. Има над десет илјади. Не е лесно да се слушаат критики, ама ако не се слушаат нема да се најдат решенија – вели Арсовска.
Партијата Нова алтернарива ќе оди со свои листи во сите шест изборни единици, а кој ќе биде кандидат за претседател ќе кажат органите на самата партија откако ќе се проценат позитивните и негативните страни.
– Сакаме да им кажеме и покажеме на граѓаните дека работите можат да функционираат и дека треба да се променат. Потребни се одговорни политичари, а не лажговци и манипуланти. Ние ќе излеземе на изборите и ќе освоиме онолку гласови колку што сметаат граѓаните и ќе ни биде чест. Јас ќе бидам носител на листата од Нова алтернатива во Изборна единица 1 и тој предизборен дуел граѓаните треба да го очекуваат – рече Арсовска.
Инаку, во ИЕ 1 носители на листи меѓу другите се Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевски и Димитар Апасиев.