Damnatio memoriae: Осуда на меморијата за македонската нација!

Меѓународното право на секоја независна држава ѝ гарантира автономно да го создава и гради наративот за сопственото национално минато, преку кој се изразува посебноста на нацијата и различноста од другите нации. Никој нема право да бара од било која суверена нација да го преиспитува и менува сопствениот национален наратив, независно дали истата ја признава, ja негира, или е во позиција да ја условува.

2,142

Самото постоење на човекот добива смисла доколку постои меморија за него. Истото е и со државата и нацијата. Без меморија нема минато, а нема ни иднина. Тоа ја прави историјата составен дел од идентитетот на нацијата.

Затоа при создавањето на државата се креира национална историја, преку која се артикулира чувството на заедништво на конститутивниот народ и се манифестира посебноста и различноста од другите нации. Се создаваат митови и се глорифицираат личности од историјата, со кои нацијата се идентификува. Националниот наратив станува интегративен атрибут кој ја одржува меморијата за потеклото и за заедничката припадност, што во крајна линија дава смисла на постоењето на нацијата.






Затоа меѓународното право на секоја независна држава ѝ гарантира автономно да го создава и гради наративот за сопственото национално минато, преку кој се изразува посебноста на нацијата и различноста од другите нации. Никој нема право да бара од било која суверена нација да го преиспитува и менува сопствениот национален наратив, независно дали истата ја признава, ja негира, или е во позиција да ја условува.

Друго е прашањето за модерните теории за нациите и етнитетот, сегмент во кој не постои истражувачки консензус, освен дека истите се социјален конструкт.

Впрочем, најновите емпириски и теориски истражувања упатуваат дека нацијата не е исклучиво модерен феномен, при што Византија/Романија е посочена како предмодерна нација на Римјаните, во етничка и граѓанска смисла.

Тоа ја прави застарена доктриналната позиционираност на „модернистите“ во теоретското дебатирање за нациите. Од друга страна, динамичниот развој на историската наука, како и на самата нација, не значи и потреба од менување на меморијата на нацијата. Особено не за реализирање на политичките агенди на моменталните елити, а уште помалку за задоволување на потребите на другите нации.

Политичката елита која ќе се зафати со промена на меморијата на нацијата, адаптирајќи ја на националните наративи на други држави, всушност иницира процес на креирање нова нација. Со политички акт историјата на нацијата се прогласува за сопственост на друга нација, или, пак, за „заедничка“  –  со што станува нова меморија од која произлегува и идентитетот. Со тоа директно се засегнува суверенитетот на нацијата, бидејќи истата ја губи меморијата со која дотогаш ја изразувала сопствената идентитетска посебност, особено што тоа е за сметка на други нации.

Менувањето на националниот наратив со политички акт подразбира институционално создавање на нова колективна меморија, со што нацијата добива нов наратив за сопствената историја. Новокреираната национална историја се инкорпорира во концептот на образовниот систем, преку кој политичката елита ја проектира сегашноста, менувајќи го и контролирајќи го минатото.

Со политички акт се определува како новите генерации ќе ја читаат историјата, односно каква меморија ќе имаат, преку што директно се влијае врз идентитетот и градењето на свеста за припадноста кон нацијата. Крајниот исход е нов идентитет на народот и на нацијата, креиран од политичката елита за потребите на конкретниот момент и политичко-идеолошки цели.

Ваквиот процес веќе се одвива во Република Македонија, инициран од актуелната либерална политичка елита и предодреден од политичките договори со соседите. Деномирањето на државата со Преспанскиот договор значеше де-факто промена на идентитетот на нацијата, бидејќи со политички акт и промена на уставот се одзема правото на граѓаните да воспоставуваат директен линк со сопствената држава преку идентитетската придавка „македонски“.

Граѓаните не можат да ја идентификуваат сопствената држава и националните институции со придавката „македонски“, што подразбира дека не можат официјално да ја ословуваат како македонска ниту државата, ниту сопствената нација со која се идентификуваат.

Уште повеќе, не можат да се идентификуваат ниту самите себеси со придавката македонски, од аспект на нивната релевантност за државата и нацијата. Со други зборови, можат да ја употребуваат придавката македонски за „по дома“ (Митко Б. Панов, “За грчкото присвојување на термините Македонија и Македонци!”, 06-07.2020; Митко Б. Панов, „За државничкиот однос кон нацијата: По обраќањето на Ципрас до Македонците”, Expres, 11.07.2020).

Сега е на ред заокружувањето на процесот со целосна промена на меморијата на народот и нацијата, условена од Договорот за добрососедство со Бугарија (Митко Б. Панов, “Меморандумот на Бугарија како патоказ за самодеструкција на македонската нација”, Expres, 20.09.2020; Митко Б. Панов, Ќе го „реши“ ли Зоран Заев и македонскиот народ?!”, Expres, 29.11.2020).

Во тој контекст, а во функција на решавање на проблемот со ветото од Бугарија, во најново време либералните идеолози на актуелната политичка елита отворено повикуваат на носење на „еманципаторска политичка одлука“ со која власта ќе ја преземе целосната одговорност за промената на историјата на нацијатa.

За овие идеолози историјата е „премногу важна за да им се остави на историчарите“ поради што е неопходна политичка одлука со која либералната политичка елита ќе одреди што и како ќе се чита од историјата, вклучително и „заедничките корени“ со Бугарија и линијата на бугарскиот национален наратив.

На тој начин тие всушност ја прават ирелевантна понатамошната дискусија во рамките на комисијата за историски и образовни прашања, сведувајќи ја употребната вредност на нејзините членови на егзекутори на политичката волја и одлуки. Притоа либералните идеолози не кажуваат отворено дека промената на историјата директно ќе се одрази врз идентитетот на народот и нацијата.

Единствено напоменуваат дека историјата треба да се издвои од политичките преговори со Бугарија за идентитетот и јазикот, што би се бајпасирало преку некаква претпоставена декларативна договорна форма прифатлива за нејзино сервирање за потребите на македонскиот внатрешно-политички амбиент. Евидентно сега се работи на политичка формула која треба да создаде привид кај граѓаните дека промената на историјата, а со тоа и на меморијата на нацијата, нема да го засегне македонскиот идентитет и јазик.

Меѓутоа, промената на историјата и нејзиното акомодирање со наративот на друга нација, во случајот со бугарската, де-факто значи заокружување на процесот на промената на идентитетот на нацијата, инициран и условен од Преспанскиот договор, како и од уставните промени.

Само што од пред 10-на дена, тоа официјално и отворено се применува и во случајот со Бугарија, преку комисијата за историски и образовни прашања. Во практика се применува тоа на што со целосно право предупредуваа некои правни експерти од почетокот и го акутуелизираа во најново време – дека уставниот закон за спроведување на амандманите произлезени од Преспанскиот договор всушност ја забранува употребата на придавката македонски во и за сопствената држава и нација, и тоа на сите нивоа, за навек!

Токму тоа го валоризираа македонските членови на комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија на последната „техничка“ средба одржана на 22 јануари 2021. Откако пред една година беше констатиран сериозен проблем околу користењето на придавката македонски, која требаше да се реши на „повисоко ниво“, комисијата сега постигна „компромисно“ решение.

Согласувајќи се дека придавката „македонски/а“ официјално повеќе нема да ја употребуваат, со образложение дека тоа го бараат бугарските колеги и го налага Преспанскиот договор, членовите на комисијата всушност признаа дека се политичко тело, кое спроведува политички одлуки. Оттаму, крајно неуверливо прозвучаа нивните изјави дека успеале да издејствуваат компромис со кој ќе можат да ја употребуваат придавката македонски –  но само вербално во рамките на дискусиите на состаноците на комисијата, кои ќе бидат стенограмски запишувани.

Тие всушност се согласија дека повеќе нема да бидат македонски историчари, туку историчари на „Република Северна Македонија“. Прифатија дека официјално нема да смеат да се само-идентификуваат како македонски/а, туку единствено како „северномакедонски/а“. Притоа, дозволија колегите од бугарска страна да можат од своја страна да ги идентификуваат нив како „северномакедонски/а“, што соодветно ќе биде регистрирано во записниците.

Во заклучоците кои ќе бидат потпишувани и кои ќе бидат доставувани на политичка верификација од двете влади, ќе ја нема придавката македонски, бидејќи истата официјално нема да смее да се употребува. Забранета е!!!

Од ваквиот комисиски договор, произлегува дека ќе нема ниту официјална македонска историја, односно нема да има историја на македонскиот народ и нација.

Ќе има историја на „Република Северна Македонија“ на „северномакедонската“ нација. Што и како ќе се чита во новокреираната историја, прилагодена на националните наративи на соседите, всушност ќе го определува политичката елита, а ќе го егзекутираат „северномакедонските“ историчари во комисиите!

Што ќе значи тоа?

Со оглед дека учебниците се финансирани од државата, истите повеќе нема да можат да се означуваат и третираат како македонски! Тоа сосема јасно го констатираше членот на бугарската комисија, проф. Наум Кајчев, кој по техничката средба беше категоричен дека „нема да има македонски учебници“. Тоа подразбира дека националните наративи кои произлегуваат од државата, нема да можат да се означуваат како македонски. Книгите финансирани од државата, ќе подлежат на цензура од државните институции на „Република Северна Македонија“и ќе се бара бришење на терминот македонски, доколку историскиот наратив излезе од контролата и се однесува на државата и нацијата.

Нацијата всушност добива нова меморија, историја и културно-историско наследство, што ќе го изразува „северномакедонскиот“ идентитет произлезен од деномираната држава „Република Северна Македонија“, а кој ќе биде стриктно контролиран преку меморијата! Тоа значи дека ќе биде контролирана меморијата на нацијата!

Затоа и инсистирањето на грчката и бугарската страна за промена на идентитетот на споменичните претстави на историските личности во центарот на Скопје и во другите македонски градови, во согласност со нивниот национален наратив преку кој тие го изразуваат нивниот идентитет. На тој начин нивниот идентитет станува идентитет на „северномакедонската“ нација!

Тоа е всушност компромисот кој го постигнале македонските членови на комисијата, следејќи ја политичката одлука на елитите. Прифаќајќи ги ваквите политички диктати, тие всушност потврдија дека се инструмент за акомодирање на македонската историја за потребите на политичките агенди. Демонстрираа дека безрезервно ќе ја следат политичката елита која ќе дефинира што и како ќе се чита во историјата! Тие демонстрираа дека придавката македонски нема да може да се употребува ниту за нивна сопствена само-идентификација. Од 22 јануари 2021 г., тие повеќе не се македонски историчари!

Претворајќи се во нов идентитетски продукт на политички договор, тие стануваат ирелевантни од аспект на карактерот на историската наука, ирелевантни за македонските историчари и за македонската историја. Со оглед дека се повикуваат на Преспанскиот договор, може со сигурност да се претпостави дека практиката на забрана на употребата на придавката македонски како само-идентификација веќе комплементарно се применува во комисијата за историски, образовни и архелошки прашања со Грција.

Ваквата само-идентификација ќе треба насекаде да се применува, само што македонските граѓани тоа сѐ уште не го знаат, односно не им се кажува!

Адаптирањето на националната историја на наративите на другите нации, подразбира дека нема да има повеќе македонска историја заснована на македонизмот, со која македонската држава ја изградила и ја изразува различноста и посебноста на нацијата.

Политички и идеолошки ќе биде инсталирана нова „коректна“ историја на самоуверената еманципирана нација на „Република Северна Македонија“ која нема повеќе да се чувствува виктимизирана – oд причина што повеќе ќе го нема македонското прашање. Политички инсталираната контролирана меморија на „северномакедонската“ нација ќе ја задоволни новата реалност на која инсистираат Бугарија и Грција, кои не го признаваат македонскиот народ и нација, како што не ја признаваат и придавката македонски како идентитетска ознака за македонската нација и за нејзината историја преку која се изразува постоењето, самобитноста и посебноста.

Нема македонски – нема македонска нација –  нема македонска историја – нема минато!

Креирајќи фиктивна иднина, Џорџ Орвел своевремено укажал дека „кој го контролира минатото ја контролира иднината“, а „кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото!“ Во неговата фикција за идната сегашност, Орвел предупредил дека „најефективниот начин да се уништат луѓето е негирањето и бришењето на сопственото разбирање на нивната историја“!

Примери за контрола на сегашноста и на минатото имало во историјата. Римскиот Сенат вовел практика на damnatio memoriae („осуда на меморијата“), како принцип на казнување на политичките личности поради нивните постапки кои биле осудувани за дискредитацијата на Рим. „Осудата на меморијата“ потоа била користена за да биде изречена секому, кој не бил подобен за Сенатот или за римскиот император, а што било проследено со уништување на сите траги кои можеле да посведочат за постоењето на казнетата личност.

Целта била уништување на меморијата за личноста, со што личноста повеќе не постоела.

Меѓутоа, парадоксот е дека меморијата сепак опстојала и тоа во записите за и од истите политички елити, кои сметале дека со нивниот политички чин ги избришале сите траги од сеќавањето на казнетата личност. Од историска дистанца, ваквите историски личности стануваат крајно негативни и се посочуваат како примери, за да не се заборави и да не се повтори!

Тоа треба да го знаат политичките елити кои претендираат да го избришат и контролираат минатото на нацијата, како и историчарите кои свесно стануваат политички инструменти и егзекутори на истите!

Поврзани содржини