ДАМЕ ДИМИТРОВСКИ ГО ПРЕЗЕДЕ ЧЕЛНОТО МЕСТО ВО СОВЕТОТ Новиот претседател вети чесна и одговорна работа во интерес на сите скопјани

Димитровски беше единствениот кандидат на денешната конститутивна седница и доби поддршка од 23 советници, со што обезбеди мнозинство за избор на функцијата.

275

Носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Даме Димитровски, е избран за нов претседател на Советот на Град Скопје.

Тој беше единствениот кандидат на денешната конститутивна седница и доби поддршка од 23 советници, со што обезбеди мнозинство за избор на функцијата.






Димитровски беше предложен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која заедно со групата на Вреди обезбедува стабилно мнозинство во градскиот Совет.

– Ова не го сметам само за функција, туку и за доверба што ја добивам од вас како избрани претставници на сите жители на Скопје. Ќе бидам претседател на сите советници, без разлика на нивната политичка припадност. Ќе бидам глас на разумот и посредник на дијалогот кога тоа ќе биде потребно – изјави Димитровски по изборот.

Тој додаде дека неговата цел е Советот да стане пример за транспарентна и ефикасна институција која работи во интерес на граѓаните.

– Ќе бидам гаранција дека градското собрание ќе ја врати довербата на граѓаните – порача новоизбраниот претседател.

Пред гласањето, советничките групи на СДСМ, Левица и коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ, соопштија дека нема да го поддржат изборот на Димитровски, но изразија надеж дека во наредниот период ќе има конструктивна соработка и дијалог во интерес на скопјани.

На конститутивната седница зборуваше и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој потсети дека новиот состав на Советот има „историска задача да го насочи Скопје кон стабилен, функционален и одржлив развој“.

– Време е политиката да ги стави интересите на граѓаните пред сè. Очекувам овој Совет да биде извор на идеи, визии и решенија, а не на поделби – истакна Ѓорѓиевски.

Со изборот на новото раководство, Советот на Град Скопје официјално ја започна својата работа, со очекувања дека новиот состав ќе донесе повеќе конкретни резултати и поголема транспарентност во одлучувањето.

Поврзани содржини