ДАМЈАН ПЕЈЧИНОСКИ ИЗБРАН ДА ЈА ПРОМОВИРА НОВАТА ГИТАРА НА „СТРАНДБЕРГ“ Виртуозот приреди незаборавна вечер на Охридско лето

Пејчиноски беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче Станков.

287

Енергичен и впечатлив настап на Охридско лето имаше еден од најдобрите гитаристи на македонската, но и на светската сцена, Дамјан Пејчиноски, кој вчеравечер беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче Станков.

Програмата со којашто настапија и ѝ приредија на публиката прекрасна вечер содржеше авторски композиции на Пејчиноски, џез  теми, како и македонски етно композиции.






– Чувствувам огромна одговорност со мојот настап, со оглед на тоа дека станува збор за престижен фестивал низ чија долгогодишна историја продефилирале фантастични уметници, фестивал кој носи еден посебен дух, една огромна уметничка вредност – вели Пејчиноски.

Младиот гитарист Пејчиноски свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе музички стилови вклучувајќи џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика и слично.

Тој е спознориран од компанијата за гитари „Страндберг“ и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат оваа компанија.  Ќе ја има честа да го промовира и најновиот модел на гитари што го изработува „Страндберг“. Ова е доказ дека неговото име е прочуено и во светски рамки.

– Компанијата „Страндберг“ ќе вади нов модел на гитара и особено имам чест што од сите нивни уметници ме избраа мене да ја промовирам новата гитара. Што се однесува до интернационалните настапи, тие не се толку чести, но ете, успевам нешто да договорам сам, нешто преку компанијата „Страндберг“ која е мој спонзор. Инаку сум задоволен, изминатиот период ми беше мошне активен. Во мај имав учество на фестивал во Португалија, а потоа и во Велика Британија. Да, би сакал мојата кариера да е светска. Посакувам да имам и менаџер којшто ќе ми договара настапи низ светот. Јас можеби сум скромен но реален во ова што го кажувам, и сепак, сум свесен за својата музичка вредност и знам дека треба повеќе да работам на маркетинг за да ги добијам големите светски сцени – вели Пејчиноски.

Тој почнал да свири гитара на шестгодишна возраст, но вистински интерес покажал на 14-годишна возраст. По завршувањето на основното училиште и гимназијата во родниот град Охрид, каде што живее и денес, се запишал на Националната музичка академија „Проф. Пантчо Владигеров “ во Софија (2003) и на Новиот бугарски универзитет, каде добил целосна стипенидија за неговите студии во областа на џезот каде што и магистрирал. Во текот на својата музичка кариера Пејчиноски имал бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој бил финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар идол“ одржан во Лондон. Во 2010 година победил на 2 меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ („Shred This Too“ – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година ја претставувал својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапил како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија. Предавал во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржал 4 концерти во Кина со своето трио, каде што бил примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачил наградата „Екселенс ин перформанс“ („Excellence in Performance“).

Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија… Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.

 

Поврзани содржини