Дали воопшто ви се битни животите на нашите деца?

Апелирам Владата да ги согледа сите аспекти на сложената ситуација и да донесе решение со кое ќе покаже дека ѝ е битно здравјето на нашите деца. Ниту едно дете нема да умре од онлајн настава. Секое друго решение во моментов претставува авантура.

3,118

Идиотска е споредбата на кафулињата и на училиштата. Тука мислам на најчесто употребуваниот аргумент во дебатата на оние што се заговорници на тезата дека второто полугодие треба да започне со физичко присуство на учениците, наместо наставата да се одвива онлајн.

Премногу лесно и паушално се споредува одењето во кафеана, ресторан или испивањето кафе во текот на паузите, со образовниот систем кој е принуден да се прилагодува на епидемиолшката слика во земјава.






А епидемиолошката слика е очајно лоша. Неколку дена по ред имаме по 2.000 заболени лица, а бројот на починати од ковид-19 рапидно расте. Точно е дека угостителите работат и се отворени за посетители, но за разлика во училиштата, во кафуле се оди по сопствен избор и на сопствен ризик. Со школите не е така.

Не смее да се изостави од дебатата ниту фактот дека во моментов преживуваме во исклучително тешки економски услови. Токму угостителите беа меѓу најпогодените од рестрикциите коишто произлегоа од здравствените мерки и тешко дека би можеле да опстојат доколку повторно се затворат. Голем дел од нив веќе пропаднаа.

Училишата, пак, не може да пропаднат. Ќе ги примат учениците на средината од февруари или на почетокот на март. Така барем тврдат експертите, кои предвидоа пикот на последниот бран на вирусот да се случи за едно две недели. Исто така треба да се има и в предвид дека во време кога е проблем да се обезбеди парно и струја, би претставувала сериозна заштеда доколку учениците останат дома во текот на најстудениот период.

Не знам и како тоа ќе се организира настава со отворени прозорци на минус 15 степени? Тоа само дополнително ќе го оптерети енергетскиот сектор во земјава, бидејќи системите за греење ќе мора да бидат пуштени на максимум. А и како ќе го сочуваме здравјето на уениците што ќе седат до отворените прозорци?

И нема да бидеме единствената земја во Европа доколку се одлучиме на онлајн настава. Во Полска денеска е донесено решение наставата да се одвива од далечина, а овој пример се очкува да го следат и поголем број на други земји од„стариот континент“.

И да се разбереме, јас сум најголемиот противник на онлајн наставата. Лично се уверив дека ваквиот начин на учење е лош и сметам дека децата пропуштаат многу кога не одат на училиште. Губат знаење, но губат и прекрасни моменти поврзани со дружењето и забавата. Може и некоја прва љубов останува неостварена? Тоа е страшно.

Но, тоа е. Односно треба да се стрпиме две недели или еден месец, па здрави да си ги испратиме децата на училиште. Да покажеме дека ни е битно за нив и дека се грижиме за нивното здравје. А тоа што нечие деликатно срце ќе почека да биде освоено од „бркото прва специјала“ од последната клупа, некако ќе го пребродиме.

Затоа апелирам Владата да ги согледа сите аспекти на сложената ситуација и да донесе решение со кое ќе покаже дека ѝ е битно здравјето на нашите деца. Ниту едно дете нема да умре од онлајн настава. Секое друго решение во моментов претставува авантура.

 

Поврзани содржини