ДАЛИ ВИ ТРНАТ РАЦЕТЕ И НОЗЕТЕ? Руски невролог открива кога е време за итен преглед

Трнењето може да биде безопасно, но и сериозен знак за дијабетес или мозочен удар – еве кои симптоми не смеете да ги игнорирате.

187

Некои луѓе не обрнуваат внимание на трнењето, други пак тоа многу ги плаши. Но, што е вистината и кога е време за одење на лекар?

Кога трнењето (стручно: парестезија) треба да не загрижи, а кога не? Ајде да објасниме…






На овие прашања одговара рускиот невролог специјализиран за крвни садови и нерви, професор д-р Јевгениј Широков. Тој ги објаснува најчестите причини поради кои може да се јави трнење.

Најчеста причина за трнење на рацете или нозете – проблеми со ’рбетот

Радикулитис и радикулопатија, односно воспаление на нервите или притисок врз нив во ’рбетниот столб – најчесто поради дискус-хернија – се најчеста причина за трнење.

Како изгледа тоа:

Ако проблемот е во вратниот дел од ’рбетот, трнењето може да биде обострано, но често зафаќа само дел од раката – на пример два прста.

Може да се јави и чувство на боцкање, особено ноќе.

Ако проблемот е во долниот дел од грбот, болката се шири по ногата, од страна или одзади.

Дали треба да ве загрижи?
Овие проблеми не се опасни по живот, но не треба да се игнорираат. Ако рацете или нозете ви трнат често и чувствувате болка, обратете се кај невролог. Тој ќе ве упати на снимање – рентген, магнетна резонанца или скенер.

Третманот може да вклучи вежби, масажа, физикална терапија или акупунктура.

Дијабетес како причина за трнење на шаки и стапала

Полиневропатиите, особено дијабетичната невропатија, настануваат кога високиот шеќер ги оштетува нервите.

Како изгледа тоа:

Трнењето се јавува симетрично – и во шаки, и во стапала, како да носите ракавици и чорапи.

Дали треба да ве загрижи?

Да. Ова е јасен знак дека треба да го проверите шеќерот во крвта кај ендокринолог.
Ако имате наследен ризик за дијабетес или вишок килограми, треба да направите тест не само на гладно, туку и после оброк (тест за оптоварување со гликоза, OGTT). Овие анализи се достапни во секоја лабораторија.
Ако се потврди дијабетес, лекарот ќе ви даде упатства за терапија и промена на начинот на живот.

Мозочен удар – итен случај

Мозочен удар настанува кога дотокот на крв во мозокот е прекинат (поради затнување на крвните садови или крварење). Тоа доведува до оштетување на делот од мозокот кој е одговорен за чувствителноста на телото.

Како изгледа тоа:

Трнењето е секогаш еднострано – на пример лева рака, лева нога и лева страна од лицето.

Секогаш се јавува со други симптоми: слабост во мускулите, проблеми со говор, вид или движење.

Дали треба да ве загрижи?

Да – веднаш повикајте Брза помош. Лице со сомнеж за мозочен удар мора да се хоспитализира во рок од најмногу 4–4,5 часа од почетокот на симптомите за да се спречи трајно оштетување на мозокот.

Тумор на мозок и други поретки состојби

Трнењето може да биде предизвикано и од тумор на мозок, аневризми (проширување на крвни садови) или крварење под мозочните обвивки – особено кај повозрасни луѓе, дури и по лесни падови.

Како изгледа тоа:

Исто така еднострано – трне половина тело, дел од лицето или само една рака.

Не се јавува нагло, туку постепено, со повремени епизоди кои стануваат се почести и посилни.

Дали треба да ве загрижи?

Да – задолжително обратете се кај невролог. Потребно е да се направи CT или магнетна резонанца на мозок и ултразвук на крвните садови на врат и глава. Лекарот ќе ги спореди резултатите со симптомите и ќе одлучи за понатамошниот третман.

Поврзани содржини