ДАЛИ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ Е УЈДИСАН СО СУДИИ И СО ОБВИНИТЕЛИ? Манасиевски му порача на лидерот на СДСМ да не се крие по партиски штабови

Манасиевски обвини дека Венко Филипче, иако бил министер за здравство во периодот кога се случувал големиот финансиски скандал на Клиниката за Онкологија, повторно не е предмет ниту на истрага ниту на судска постапка. Тој посочи дека Филипче бил изземен и од други случаи – како што се Модуларната болница, набавката на Стабри вакцините и контроверзните тендери – што, според него, создава впечаток дека е под заштита на правосудниот систем.

543

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, остро реагираше на изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој претходно од Штип го оцени Договорот со Велика Британија како „грабеж“ и ја обвини власта за нетранспарентна политика. Во обраќање до јавноста, Манасиевски го нарече Филипче „црна точка на системот“ и директно го поврза со низа корупциски скандали.






– Сметаме дека Венко не го разбира поимот грабеж – рече Манасиевски.

Тој додаде дека вистински грабеж е „кога фирмата која гради на Клинички ќе ти изгради хациенда“ или „кога во време на корона ќе набавиш кинески вакцини по двојно поскапа цена“.

– Грабеж е кога имате корона криза, а Венко како министер ќе набави кинески вакцини по двојно поскапи цени. Грабеж е кога крадените пари од Македонија заедно со вистинскиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, ќе ги изнесете во Дубаи, и таму ќе ги инвестирате. Грабеж е кога на Македонците и на Албанците ќе им ветувате водовод во Тетово, а потоа ќе им изградите модуларни болници каде што живи ќе бидат запалени 14 луѓе. Грабеж е кога газда Венко и газда Филипче ќе мора да имаат некаков ќар од овие тендери – посочи тој.

Манасиевски рече дека токму Филипче бил министер за здравство во периодот кога се случувал скандалот на Онкологија, каде што, тврди тој, е направена проневера од над 2,2 милијарди денари. Тој потсети дека и во случајот со Модуларната болница, Филипче бил изземен од одговорност.

– Човекот, кој бил министер за здравство во периодот кога на Онкологија се правел овој криминал од тешки размери, каде што е оштетен Буџетот во износ од над 2,2 милијарди денари, бил Венко Филипче. Повторно не е во истражна или во судска постапка, па легитимно го поставуваме прашањето – дали Филипче има некаков договор со поединци од судската или од обвинителската фела, да не биде повикан дури ниту на разговор? – праша Манасиевски.

Тој додаде дека ОЈО треба да ја испита улогата на Филипче, а не да го иззема од сите случаи поврзани со здравствени скандали.

– Филипче не беше вклучен ниту во процесот за Модуларната болница, ниту за Онкологија, ниту за Стабри вакцините, ниту за крвави тендери – едноставно, Филипче делува како да е заштитен од судството, коешто тие заедно со ДУИ го бираа – посочи Манасиевски.

Тој додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ оставила и пари и проект за нов Клинички центар.

– Каде отидоа тие пари? Зошто СДСМ молчи и не нѐ демантира? – праша тој.

Манасиевски повика на темелна проверка и реформа на правосудниот систем.

– Мора да има и независно и реформирано судство. За луѓето блиски до СДСМ и до ДУИ да не бидат заштитени – посочи Манасиевски.

Како одговор на изјавите на Филипче за Договорот со Велика Британија, Манасиевски нагласи дека грабеж не е партнерство со најмоќна држава, туку токму спротивното.

– Она што не е грабеж е кога ќе склучите пакт со најмоќната држава во светот и притоа нема да продадете ниту име ниту Устав или идентитет. Не е грабеж кога од таквото партнерство ќе извлечете пари за нови железници, за болници, за образование – нешто што е добро и за Македонците и за Албанците. Е тоа се вика одговорна и државничка политика – потенцира тој.

На крајот, Манасиевски му порача на Филипче „да престане да се крие по партиските штабови“.

ЗОШТО ОБВИНИТЕЛОТ БУБЕВСКИ ГО ШТИТИ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ? Поранешниот министер е директно одговорен за случајот Онкологија, обвинува владејачката партија

Поврзани содржини