ДАЛИ УНГАРИЈА СО ГОДИНИ ЈА ШПИОНИРА ЕУ? На повидок е еден од најголемите скандали во Унијата

Европската комисија ќе истражува дали се вистинити наводите што ги објавија повеќе медиуми дека Унгарија веќе со години ги шпионира институциите на Европската Унија преку тајна мрежа на разузнавачки агенти и тоа преку Постојаната мисија на Унгарија при ЕУ, дури и во времето кога унгарски амбасадор во ЕУ беше актуелниот еврокомесар Оливер Вархеји.

507

Европската комисија соопшти дека многу сериозно ги сфаќа тврдењата за постоење унгарска разузнавачка мрежа која со години ги шпионирала институциите на ЕУ. Комисијата најави ќе врши проверки на наводите.

– Донесена е одлука да се формира интерна група која ќе ги испита овие обвинувања, но таа сè уште не е формирана. Работиме на тоа и нејзините параметри треба допрва да бидат дефинирани – изјави портпаролот на Европската комисија, Балаж Ујвари.






Тој додаде дека ЕК „многу сериозно“ ги сфаќа овие обвинувања и со оглед на импликациите по безбедноста и по интегритетот на работата, Комисијата е решена да ги заштити својот персонал, информации и системи од нелегално собирање разузнавачки информации.

Неколку европски медиуми, меѓу кои и белгискиот „Тајд“, германскиот „Шпигел“ и австрискиот „Стандард“, објавија заедничка истражувачка сторија во која се тврди дека Унгарија веќе со години ги шпионира институциите на Европската Унија преку тајна мрежа на разузнавачки агенти.

Според наводите во медиумите, ваквите активности се координирале преку Постојаната мисија на Унгарија при ЕУ, дури и во времето кога унгарски амбасадор во Унијата беше актуелниот еврокомесар за здравје и благосостојба на животните, Оливер Вархеји.

На новинарско прашање дали претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе побара објаснување од Вархеји во врска со ваквите наводи, главната портпаролка на ЕК Паула Пињо само кусо изјави дека таа „планира да го покрене ова прашање пред комесарот што е можно поскоро“.

Вчера и белгискиот европратеник Елио Ди Рупио побара да се формира ад-хок комитет на Европскиот парламент, кој би ги разгледал изнесените наводи во истражувачката сторија.

– Ако обвиненијата се покажат како точни, барам формирање истражен комитет – изјави Ди Рупио, кој доаѓа од редовите на белгиската Социјалистичка партија (ПС).

Тој оцени дека ако се потврдат наводите, тоа би бил еден од најголемите скандали во историјата на ЕУ и повторно би се докажало дека договорите на Европската Унија „не се прилагодени на реалноста“.

И белгиската европратеничка од редовите на Зелените, Сара Матије оцени дека случајот „мора да се истражи од корен“, при што особено треба да се провери улогата на Вархеји во сето тоа.

– Ако навистина бил активно вклучен во шпионажа, тој не може да остане на функцијата еврокомесар – изјави Матије, повикувајќи ја Фон дер Лајен да спроведе „независна истрага“ и доколку се потврдат наводите да има „строги последици“.

Поврзани содржини