Дали Трамп ќе ѝ го дотерува умот на Европа?
Својот стил на глумење морална супериорност, своето арогантно поведение и повикувањето не некакво елитистичко право на прозивка и на осуда на политичките противници, често и со груба контрола на медиумите и уште погруба цензура на социјалните мрежи, Бајден успеа да им го наметне и на своите најверни поддржувачи ширум планетата, а најмногу во Западна Европа. И сега, кога тој систем на лажни вредности се распаѓа, станува јасно дека Трамп кон ЕУ и НАТО ќе се однесува како Европа некогаш кон Османлиската империја пред распаѓање – ако беше умно „болниот од Босфорот“ да се остави да боледува, ќе боледува и „болниот од Брисел“. Поевтино е и попрактично од умирањето.
Дури и навистина да е „речиси неспособен да управува со себе или со луѓето околу него“, дури и да е „импулсивен, нефункционален и недисциплиниран“, како што го оговара еден од водечките колумнисти на „Њујорк Тајмс“, Доналд Трамп е „новото момче во градот“. И како во онаа прекрасна балада на Иглси (Eagles), на ужас на нејзиниот досегашен љубовник, новото момче (Џони) ќе ја џапне девојката.
„Johny come lately, the new kid in town, will she still love you, when you’re not around“. Ви текнува на овие стихови, нели?
Нашиов Џони, имено Доналд, го почнува својот втор претседателски мандат со апсолутна предност и со големи очекувања, но не само затоа што неговиот љубоморен претходник не беше баш „тука“ и „со сите“ во последната година („Where you been lately?“, пеат Иглси), туку и поради фактот што Џозеф Бајден ќе остане запаметен во историјата како човекот што се посвети на растурање на глобалната рамнотежа на силите во светот. Кој не знае, треба да научи дека таа рамнотежа, која во теоријата понекогаш се нарекува и „рамнотежа на стравот“, е градена тешко и макотрпно, со децении. Воден од пропагандниот наратив за обединување на т.н. „прогресивни либерали“ од целиот свет околу него (како „најпрогресивен“ меѓу „прогресивните“), Бајден во голема мера успеа во својот воено-хушкачки проект, во чија заднина беше прилично јасната и само за слепците невидлива намера да оствари личен политички профит. И не само политички.
И затоа „градот“ од песната на Иглси денес е толку девастиран и пропаднат, што прашање е дали новото момче воопшто ќе ја погледне момата и дали ќе трзне на онаа безнадежна романтика („hopeless romantic“, пеат Иглси) на која светот се „палеше“ овие пет Бајденови години.
Војните треба да завршуваат со мир, а не со повеќе војни
Сите аргументи укажуваат на тоа дека резултатите од тој потфат на Бајден – инаку, од аспект на крајниот исход, потфат однапред осуден на неуспех – се катастрофални.
Одамна е јасно дека со сета помош од Америка, од НАТО и од земјите на Европската унија, Украина на Володимир Зеленски не може да ја добие војната со Русија. Многу умни глави (меѓу кои и еден Хенри Кисинџер, на пример), уште во почетокот на таа војна апелираа да се бара мировно решение за конфликтот. Можеби и Владимир Путин не може да ги оствари сите свои стратешки цели поради кои ја нападна Украина, но најважната цел веќе е постигната – шансите Украина да биде нова членка на НАТО и да го (зло)употреби системот на колективна одбрана на членките на Алијансата денес се сведени на нула.
Форсирањето воено решение за конфликтите на Блискиот Исток, пак, доведе до хуманитарна катастрофа и до значително опаѓање на меѓународниот имиџ на Израел, земјата која се смета за најверен сојузник на САД. И тој неуспех е резултат на комплицираниот инженеринг на Бајденовата администрација. Трамп сигурно сериозно ќе се посвети на оваа невралгична точка, бидејќи актуелното примирје покажува дека постои и желба и потенцијал во тој регион да завладее одржлив мир.
Европејците не треба да му се лутат на Бајден, самите си се виновни
Европските економии, кои со децении го базираа својот подем на рускиот гас како клучен енергетски ресурс, се на колена. Ако пред почетокот на војната во Украина рускиот гас сочинуваше 40% од европскиот увоз, сега дотокот на евтиниот руски гас е сведе на само околу 13%. Бајден успеа САД да ја снабдуваат ЕУ со 50% од увозот на течен природен гас, но и тоа не му беше доволно. Неговиот потрчко Зеленски од Нова година го запре снабдувањето со руски гас преку својот гасовод. Словачка и Унгарија се само дел од земјите што ќе ја платат цената на таа профитерска одлука на Бајденовата администрација во заминување.
Но, Европејците не треба да му се лутат на Бајден за сите зла што им ги нанесе оваа прокси-војна меѓу Бајденовиот Запад и Русија. Тие самите се доведоа во подредена ситуација. Самите се согласија „јастребот“ од Вашингтон да ги обедини околу намерата по секоја цена да се поддржат Украина и режимот на Зеленски (со многу пари и со уште повеќе оружје), бидејќи тој бил избран од Западот да ја води оваа прокси-војна против Русија. Европејците самите си се виновни за очигледниот неуспех во таа војна. Сега веројатно и самите знаат дека додека САД, односно Бајден и неговите поддржувачки од воено-индустрискиот комплекс, триеја раце овие години, европските земји се тие што ја платија највисока економска цена на тој неизвесен потфат.
А наскоро, во почетокот на оваа година, ќе почнат да стасуваат за наплата и политичките фактури. Во европските медиуми многу се зборува за растечкиот налет на европската десница, но претежно се молчи за причините за тоа, или се вртат старите плочи на Бајденовата пропаганда. За жал, својот стил на глумење морална супериорност, своето арогантно поведение и повикувањето не некакво елитистичко право на прозивка и на осуда на политичките противници, често и со груба контрола на медиумите и уште погруба цензура на социјалните мрежи, Бајден успеа да им го наметне и на своите најверни поддржувачи ширум планетата, а најмногу во Западна Европа.
Денес „путинизација на централна Европа“, а утре?
И што сега?
Веќе се насетува во која насока ќе се движат работите во Европа. Си замина австрискиот канцелар Карл Нехамер, на негово место доаѓа Херберт Кикл, лидер на австриската Слободна партија, за која „прогресивниве либерали“ тврдат дека била „екстремно десничарска и проруска партија“, која се залага за брз крај на украинската војна. Така, на „лошите“ Унгарија и на Словачка, земји кои со години се обвинуваат за „антибриселски“ ставови, сега им се придружува и Австрија. „Прогресивниве“ аналитичари веќе вреват за „путинизација на централна Европа“.
Што ли ќе кажат „генијалциве“ кога во февруари ќе си замине и германскиот канцелар Олаф Шолц? Бидејќи веќе е јасно дека на изборите во Германија ќе победат конзервативните демохристијани, а најверојатен иден канцелар ќе биде нивниот лидер Фридрих Мерц. Да не заборавиме дека кон крајот на минатата година и на францускиот претседател Емануел Макрон му падна владата, па се проценува дека и нему во догледно време ќе му падне круната.
Би се осмелил да кажам дека најголемиот предизвик за европските „прогресивни либерали“, затруени од Бајденовата пропаганда, би можеле да бидат полските претседателски избори. Варшава веќе извесно време испраќа јасни сигнали до Киев и Брисел дека Полска повеќе не може да испорачува големи количества оружје на Украина. Што ако се случи „путинизација“ и во земјата која има најдолга и историски стратешки важна граница со Русија?
Трамп ќе го јавне коњот што Бајден му го остави оседлан
Можеби токму Трамп ќе им помогне на земјите на Европската унија да сфатат дека овој сојуз мора да создава сопствен идентитет, но не на база на непринципиелната коалиција за поддршка на одамна пропаднатиот план за некаков замислен украински триумф во битката со Путин, туку со нови мировни иницијативи и за воспоставување за нова, одржлива рамнотежа на глобално ниво, која ќе обезбеди мир во светот и економски напредок.
Пред сè, мислам дека многу брзо сите ќе се соочиме со фактот дека теоријата за „изолационизмот“ на републиканците и за „интервенционизмот“ на демократите ѝ припаѓа на историјата. Уште нестапнат во Белата куќа, Трамп веќе најави спектакуларни потези на меѓународен план – најави мировна иницијатива и средба со Путин, но истовременпо посегна по Гренланд и по Панамскиот канал. Трамп покажа дека не се шегува и дека покрај неговите контроверзни политики на домашен план (масовна депортација на имигрантите, чистки во администрацијата, масовни помилувања на оние кои го нападнаа Капитол и слично), тој има намера да го јавне коњот што Бајден му го остави оседлан. И тоа болната Европа прва и најболно ќе го почувствува.
За што би се договарале Трамп и Путин?
Доколку дојде до средба Трамп – Путин, треба да се очекува новото момче во Белата куќа да разговара не само за мир во Украина, туку и за пацификација на сите точки во светот во кои американските и руските интереси се судираат политички, воено, економски итн. А таква точка не е само Украина. Мислам дека Трамп би сакал со Путин да договори еден глобален „детант“. И би се осмелил да предвидам дека Путин би прифатил таков план. А доколку постигне договор со Путин, Доналд Трамп сигурно ќе стане најуспешниот американски претседател републиканец, поуспешен и од Ричард Никсон и од Роналд Реган.
Како и да е, нема дилеми дека Трамп веќе не е спремен да ги плаќа авантурите на Зеленски (кои, всушност, беа Бајденови амбиции). Тој нема Украина да ја прогласува за врвен стратешки, та дури и национален интерес на САД. Таа задача Трамп со големо задоволство ќе им ја препушти на земјите членки на НАТО и на ЕУ. Во кои, како што рековме, десницата галопира, а тоа, според речникот на европските „прогресивни либерали“, значи „путинизација“ не само на централна Европа, туку утре можеби и на Германија, на Франција (Италија на десничарката Џорџа Мелони веќе е „путинизирана“), на некои земји од југот на Европа, а кој знае, можеби и на Полска.
Трамп не крие дека има намера да им го „дотера умот“ на своите европски сојузници, со најавите за царини за сите европски производи, со притисок за уште поголем европски увоз на американски гас и нафта и со многу јасното и гласно одбивање да ги плаќа високите фактури за војната во Украина. Кој сака да тера војна, нека си ја плаќа. Со тој „спорт“ нека си се занимава Европа.
Дали Европа навистина се распаѓа?
Во минатото, можеби и најмногу во периодот на Бајден, постоеше начин Европа да постигне единство и да се конституира во обединет фактор на глобалната политичка сцена. За жал, како што предвидува и Гркот Јанис Варуфакис, еден некогаш голем еврофил во секој поглед, Европа денес се соочува со неизбежен пад – технолошки, политички, финансиски и морален. Варуфакис е левичар, па не е чудно што вели: „Само ксенофобијата и фашизмот напредуваат, додека центризмот станува безнадежен. Европската унија е главен град на недемократска моќ и неодговорност“.
Политичките елити во Европа се опседнати со воени трошоци, а ги игнорираат последиците на војната во Украина и хуманитарната криза во Газа, смета Варуфакис. И заклучува: само една друга Европа – фокусирана на мир, човекови права, економска демократија и универзален основен приход – може да се обедини, да преживее и да биде фактор на глобално ниво.
„Болниот од Босфорот“ и „болниот од Брисел“
Но, сепак да не претеруваме. Европа, Европската унија и НАТО бездруго нема да исчезнат. Ако вака продолжи, „старата дама“ во иднина само дополнително ќе се дефакторизира на глобално ниво. Во европските држави со десничарски влади ќе доминира суверенизмот како идеологија и проект, а тоа практично значи дека секоја од нив самостојно и суверено, понекогаш и наспроти заеднички утврдените „бриселски“ политики, ќе ги уредува сопствените односи со Трамп (САД), со Кина, со Јапонија, со Украина, но и со Путин (Русија).
Трамп и новите светски и европски лидери, на „европската империја“, олицетворена во НАТО и во ЕУ, ќе гледаат така како што Европа во втората половина на 19 век гледала на Османлиската империја пред нејзиното распаѓање. Ако за Османлиската империја се велело дека е „болниот од Босфорот“ (инаку, автор на метафората е рускиот цар Николај Втори), за „европската империја“ сега можеби ќе се вели „болниот од Брисел“.
Нејсе, смислата на метафората е дека не е добро, не е практично, а може да биде и скапо да се остави болниот да умре. Болниот се негува и му се помага да боледува – не да оздрави, туку да боледува. Така е некако најзгодно и најевтино. А и совеста на тие што ќе го надживеат е почиста…
А каде сме ние, каде е Македонија во приказнава? Добро прашање за некоја следна анализа.